Министерството за одбрана утре ќе го објави првиот конкурс за вработување нови професионални војници во Армијата на Република Македонија (АРМ), најави денес министерката за одбрана Радмила Шеќеринска при посета на Воено медицинскиот центар. Таа кажа дека на овој конкурс ќе бидат вработени 125 од планираните 375 нови професионални војници во АРМ.
„Со тоа даваме придонес на политиката на Владата за создавање нови работни места, кои што ќе бидат подобро платени. Со вработувањата и со зголемување на платите во воениот состав на АРМ сакаме да решиме три прашања, прво да ја зголемиме стабилноста и безбедноста на нашата земја, да дадеме шанса на младите и трето да ја продолжиме тенденцијата на пораст на платите, која што беше објавена овој јануари. Ги повикувам сите млади луѓе до 25 годишна возраст со завршено средно образование и кои доброволно го отслужиле воениот рок да се пријават на конкурсот и да создадат шанса за својата генерација, но и да влијаат на зајакнување на составот на АРМ“, раче Шекеринска.
Таа кажа дека во наредните 10 дена и официјално ќе го почнат процесот за набавка на нови униформи и чизми, што долги години беше слабост на сите што работат во АРМ.
„Целта е чекор по чекор да ги решаваме проблемите и да ја подмладуваме армијата. Службата во Армијата не е само чест, туку и одговорност, и голема шанса за напредување во професијата, преку обуки во повеќе од 20 земји од светот и дополнителни школувања“, кажа Шекеринска.
Е. БОЧВАРОСКА