ПОЧИНА ВИЗАНТОЛОГОТ ЦВЕТАН ГРОЗДАНОВ, ПРВИОТ МИНИСТЕР ЗА КУЛТУРА

    ПОЧИНА ВИЗАНТОЛОГОТ ЦВЕТАН ГРОЗДАНОВ, ПРВИОТ МИНИСТЕР ЗА КУЛТУРААкадемик Грозданов на промоцијата на шестиот том од неговата  книга „Студии за охридскиот живопис“ на 28 ноември 2017 во МАНУ (Фото: МИА)

    Академик Цветан Грозданов, реномиран византолог и првиот министер за култура во независна Македонија, почина вчера во Скопје, извести Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) чиј што редовен член беше тој. Имаше 82 години.

    Во изминатите три децении академик Цветан Грозданов исполнувал интензивна научно-истражувачка работа како еминентен византолог со европска репутација. Настапувал на бројни научни собири во земјата и во странство и држел предавања за средновековната уметност во повеќе градови во Југославија, во Париз, во Академијата на науките во Прага, на универзитетите во Солун, Истанбул, Рим, Неапол, Софија.

    Во целокупниот опус на академик Цветан Грозданов е присутен интересот за проникнување во византиско-словенските културни врски, пред сè во ликовната уметност, почнувајќи од Св. Кирил и Методиј и Св. Климент Охридски пa сè до XIX век. Неговата работа во голем дел е заснована врз теренските проучувања што ги вршел во повеќе балкански региони, пред сè во Македонија и Света Гора. Хронолошкиот распон на материјата што ја проучува е мошне широк и ги опфаќа спомениците од времето на Св. Климент Охридски, Самоиловата држава, Охридската архиепископија до времето на Преродбата. Најголем дел од неговиот опус се однесува на откривањето, идентификувањето и проучувањето на портретите на Св. Кирил и Методиј и нивните ученици – Св. Климент, Св. Наум, Св. Горазд, Св. Сава, Св. Ангелариј (познати како Седмочисленици). Автор е и на обемната монографија за црквата во Курбиново, една од најзначајните културни споменици во Македонија.

    Грозданов е роден на 5 март 1936 во Охрид. Студирал на Филозофскиот факултет во Белград, каде што дипломирал и ја одбранил својата докторска дисертација. Во 1985 година е избран за редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Имал повеќе должности и функции во општествените тела од доменот на науката и културата, како и на Универзитетот во Скопје.

    Беше министер за култура во првата Влада на Република Македонија избрана од плуралистичкото Собрание 1991/92.

    За својата научна дејност академик Грозданов има добиено голем број престижни награди и одликувања во земјата и во странство. Академик Цветан Грозданов е член на повеќе странски академии на науки и уметности и doctor honoris causa на повеќе универзитети. За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 7 мај 1991, а за редовен член е избран на 20 јуни 1996. Во периодот од 2004 до 2007 беше претседател на МАНУ.

    Погребот ќе се изврши на Градиските гробишта во Охрид на 1 април во 14 часот, а неговите посмртни останки ќе бидат изложени во капелата во Охрид од 13 до 14 часот. По повод смртта на Грозданов, Македонската академија на науките и уметностите и Филозофскиот факултет Скопје во Свечената сала на МАНУ ќе одржат заедничка комеморативната седница на 3 април во 13 часот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира