Митко Чавков и Диме Спасов се изгласани за министри за внатрешни работи и за труд и социјала на денешната седница на Собранието, на која ги потпишаа и свечените изјави. По гласањето за СДСМ ја напушти седницата. Предлогот за нивен избор е потпишан од премиерот Емил Димитриев, кој не одговори на прашањето на пратеникот Горан Милевски од ЛДП зошто и тој самиот како технички премиер не поднесе оставка.
Изборот на министрите беше првата точка на седницата, а спикерот Трајко Вељаноски даде пауза до 18 часот да се премине на втората точка, гласање за измени од Изборниот законик за да се избрише членот со кој изборите беа закажани за 5 јуни. Според предлогот на пратеникот Талат Џафери „со предложените решенија во Изборниот законик нема да се предвиди точниот датум на одржување на предремените избори на пратеници“. Овој предлог сега е на комисиска расправа, и се очекува по 18 часот да се врати на гласање на собраниската седница.
Пред гласањето, координаторот на пратеничката група на СДСМ Ѓорѓи Сугарески реагираше процедурално и ги обвини претседателот на Собранието и ВМРО-ДПМНЕ дека сега сакаат на аболицираните криминалци да им се овозможи пак да владеат.
„ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ја туркаат државата во конфузно сценарио, го погребавте договорот од Пржино, ја поништивте насилно и техничката влада која требаше да опвозможи услови за фер и демократски избори. Во оставките министрите и дополнителните заменици министи од СДСМ наведоа дека тие стапуваат на сила ако Собранието се распушта, но Собранието пак се состана, а ги констатиравте оставките со што падна на вас одговорноста за ова насилие и лудило против граѓаните“, рече Сугарески.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски рече дека и неговата поартија не се согласува со денешната одлука на Уставниот суд да ги сопре изборите закажани за 5 јуни, но ќе ја почитува и го обвини СДСМ дека бега од избори и ја турка земјата во хаос.