ФИНАНСИСКА ПОЛИЦИЈА СО КРИВИЧНА ПРОТИВ ТОДОРОВ ЗА НЕСОВЕСНО РАБОТЕЊЕ

    ФИНАНСИСКА ПОЛИЦИЈА СО КРИВИЧНА ПРОТИВ ТОДОРОВ ЗА НЕСОВЕСНО РАБОТЕЊЕНа 25 мај минатата година, тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и поранешниот министер за здравство Никола Тодоров вршеа увид во фасадата на Битолската болница. (Фото: СДК.МК)

    Финансиската полиција до Јавното обвинителство поднесе кривична пријава против поранешниот министер за здравство Никола Тодоров поради основано сомнение за сторено кривично дело Несовесно работење во службата. Кривична пријава за истото дело е поднесена и против П.В., раководител на Единицата за имплементација на Проектот за реконструкција и доградба на објекти на јавните здравствени установи во РМ при Министерството за здравство.

    Како што соопшти Финансиската полиција, кривичната пријава се однесува на договори склучени од Министерството за здравство во 2010 година за изведување градежни и градежно-занаетчиски работи за болниците во Куманово, Кочани и Крива Паланка со изведувачот Конструктор Инженеринг АД Сплит.

    Според пријавата, Тодоров и П.В., и покрај тоа што биле запознаени и свесни за ненавременото и неквалитетно извршување на работите од страна на изведувачот Конструктор Инженеринг АД Сплит, во текот на 2011 година, не преземале активности за активирање и наплата на банкарската гаранција, а не побарале и продолжување на рокот на важност на банкарската гаранција во износ од 3.813.000 денари за навремено и квалитетно извршување на работите пред истекот на нејзината важност, спротивно на Законот за јавни набавки и договорот со изведувачот Конструктор Инженеринг АД Сплит.

    Поради неисполнување на обврските од договорот, прекршување на рокот за изведување на работите, како и поради неквалитетно извршување на веќе изведените работи, во 2012 година, Министерството за здравство го раскинало договорот со изведувачот Конструктор Инженеринг Ад Сплит и за довршувањето на работите за реконструкција на болницата во Крива Паланка, биле спроведени нови постапки по јавни набавки и биле склучени договори со други изведувачи.

    Со пропуштање на активирање на банкарската гаранција и други службени дејствија, двајцата несовесно постапиле во извршувањето на своите овластувања и должности, со што го оштетиле Буџетот на Министерството за здравство, односно Буџетот на Македонија за вкупен износ од 3.813.000 денари и на ваков начин го сториле кривичното дело Несовесно работење во службата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира