Само неколку дена по заминувањето на Андре Агаси, Новак Ѓоковиќ ја раскина соработката и со другиот тренер, Радек Штепанек.
Поранешниот чешки тенисер му се приклучи на тимот на Ѓоковиќ во средината на декември, но ниту тоа не му помогна да се врати во врвна форма.
„Уживав во заедничката работа со Радек и приватно ќе останеме во добри односи. Останувам фокусиран на мојот напредок. Сакам да се вратам посилен и порешителен по долгата пауза поради повреда, што влијаеше врз моите самодоверба и игра“, се вели во соопштението на Ѓоковиќ.
Некогашниот најдобар светски тенисер слабо ја почна сезоната по шестмесечната пауза. Тој го оперираше лакотот по елиминацијата од Отвореното првенство на Австралија, а потоа ги изгуби првите мечеви на Мастерс турнирите во Мајами и Индијан Велс. Следниот турнир ќе му биде Монте Карло, кој почнува на 14 април.