Анимираната верзија на „Битлс“ ова лето се враќа во кината во САД, Велика Британија и Ирска, за да се одбележи 50-годишнината од филмот „Жолта подморница“.
Психоделичните пејсажи се обновени во 4К дигитална резолуција, при што анимацијата е исчистена рачно, слика по слика, место да се користи автоматизиран дигитален софтвер.
Звукот, кој вклучува и неколку големи хита на групата, беше подложен на ремикс во студиото „Еби роуд“, кадешто „Битлс“ снимија повеќето од своите албуми.
Филмот беше режиран од Џорџ Данинг и ја прикажува авантурата на членовите на групата на вистински (Ливерпул) и измислени локации (Море на Дупки). Пол, Џон, Џорџ и Ринго се појавуваат само во последната сцена од филмот, додека гласовите за нивните ликови ги даваат други актери.