Министерство за здравство соопшти дека во првите три месеци од годината на Клиниката за гинекологија починале 35 бебиња. Во информацијата од Министерството стои дека во овој период на Гинекологија се родиле вкупно 1.155 бебиња, од кои 144 биле предвреме родени.
„Околу 80 отсто од бебињата починале поради екстремно неразвиени органи и поради исклучително ниска родилна тежина. Само едно од починатите бебиња е родено во соодветниот термин, но со медицинска аномалија на органите, која е во рамките на неможност да се исправи. Трендот на смртност на предвреме родени бебиња бележи пад. Во 2016 во првите три месеци од годината починале 38 предвреме родени бебиња, а лани 41 бебе“, велат од Министерството за здравство.
Според податоците од Министерството 21 од починатите бебиња се родиле меѓу 22 и 28 гестациска недела од бременоста, со неразвиени витални органи и мала родилна тежина. Шансите за преживување на овие бебиња според здравствените власти се минимални. Шест од починатите бебиња се родиле од 29 до 31 гестациска недела од бременоста, со ниска родилна тежина и инфекции кои ги добиле од мајката. Седум од починатите бебиња се родиле од 32 до 36 гестациска недела со инфекции кои ги добиле од мајката, а едно било со тешки аномалии. Едно бебе е родено по 36 гестациска недела, со тешка непоправлива маана.
„Клиниката за гинекологија и акушерство е најголемо родилиште во земјава и на клиниката се примаат најкомплицираните, најтешки случаи, а се изведуваат и сите предвремени породувања. Укажуваме дека состојбите, кои ги затекнавме во најголем дел од родилиштата, не можат да се поправат само за неколку месеци. Ќе треба долго време да се надомести недостигот на стручен кадар, бидејќи повеќе од 10 години не се планирало и не создавал кадар, во согласност со потребите на здравствените установи“, велат од Министерството за здравство.
Здравствените власти велат дека од 15 до 31 март во соработка со Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите Нации (УНФПА) во Скопје, извршиле проценка на условите во родилиштата во земјава и го дефинирале нивото на здравствени услуги во нив.
„Во соработка со УНФПА, од 27 до 31 март спроведовме обука за ефективна нега на новороденчињата. Беа обучени вкупно 24 здравствени работници, односно осум тима составени од гинеколог, неонатолог и акушер. Практичниот дел од обуката беше спроведен до 6-ти овој месец. Минатиот месец во соработка со СЗО, УНИЦЕФ и УНФПА, направивме проценка на трендовите на неонатална смртност и што треба да се направи за да се подобри состојбата“, велат од Министерството за здравство.
Врз база на оваа анализа Министерството ќе преземе дополнителни итни мерки за намалување на смртноста на мајките и на новороденчињата.
Е. БОЧВАРОСКА