Доналд Трамп во својот денешен твит најави дека напад на Сирија ќе се случи наскоро, но и не така наскоро.
Во својата вчерашна објава на Твитер, тој ја предупреди Русија да биде подготвена за американски проектили, навестувајќи експресна одмазда за неодамнешниот напад со хемиско оружје во близина на Дамаск, во кој настрадаа десетици цивили, за потоа малку да се исправи.
„Никогаш не реков кога ќе се случи напад на Сирија“, додаде Трамп.
Русија, пак, претходно ги предупреди САД дека напад на Сирија ќе го смета за воено злосторство и дека тоа би можело да предизвика руско-американски воен конфликт.
„Сите проектили што ќе бидат испукани на Сирија ќе бидат соборени, а ќе бидат нападнати локациите од коишто се испукани“, кажа рускиот амбасадор во Либан.
Министерот за одбрана Џим Матис изјави дека сѐ уште се испитуваат доказите за тоа што се случи во Сирија, не сакајќи директно да ја обвини сириската влада.
„Сѐ уште собираме разузнавачки податоци, наши и од сојузниците. Сѐ уште работиме на тоа“, кажа Матис.