Кога се подготвува албум за светско фудбалско првенство, секогаш постои можност во него да се најдат и играчи кои нема да настапат.
„Панини груп“, светскиот лидер на полето на албуми со самолепливи сликички, за претстојниот Мундијал во Русија направи колекција од 670 сликички и, како што признаваат, грешки секогаш се можни.
„Ние ја имаме најтешката задача на светот. Мора да мислиме со главите на селекторите на 32 различни репрезентации“, вели директорот на „Панини“, Фабрицио Мелегари.
Креирањето на следниот албум почнува веднаш по завршувањето на едно светско првенство. Со месеци и месеци за период од четири години, компанијата ги следи националните тимови на повеќе од 50 држави, ја вреднува статистиката на играчите и разговара со локални новинари и фудбалски стручњаци.
„Тоа е многу долг процес, исполнет со тешкотии и фрустрации“, признава Мелегари.
Нивото на грешка е околу 12%. Мелегари вели дека за оваа година најтешко им било да го предвидат тимот на Иран, додека најсигурни се во тимот на Германија.
„Тоа се играчите што ќе бидат селектирани од Јоаким Лев“, сигурен е Мелегари, додавајќи дека страниците со бразилските играчи се секогаш најшарени.
Сликичките се сортираат и пакуваат во Модена и во Сао Пауло. Тие се достапни во 130 држави, но Европа и Јужна Америка се најпопуларните пазари и секој нареден албум е сѐ попродаван.
Компанијата е основана во 1961 година од Џузепе Панини и првиот албум за светско првенство го издаде за Мексико 1970.