На критичното место ќе биде поставен семафор со кој очекуваме целосно да се реши проблемот со сообраќајот, брзото возење и непочитување на пешаците кои минуваат на пешачкиот премин кај училиштето „Мирче Ацев“, соопшти денеска Општина Ѓорче Петров, откако синоќа беше прегазено 10-годишно дете на улицата Борис Сарафов, по што локални жители го блокираа сообраќајот на улицата во знак на протест.
Градоначалникот на Ѓорче Петров Александар Наумоски повика на разумност кај родителите и смирување на тензиите поврзани со овој настан.
„Повикувам пред сè на свесност и совесност кај возачите кои сообраќаат по таа улица, особено затоа што во тој дел од Ѓорче Петров, поради училиштето, во најголем број се движат деца, но и на разумност кај родителите и смирување на тензиите поврзани со овој настан. Исто како и тие, и јас очекувам преку конкретен проект, конечно решавање на проблемот“, вели Наумоски во писмено соопштение.