АНА ДАНЕВА МАРКОВА ОД ГИНЕКОЛОГИЈА ЌЕ РАКОВОДИ СО НОВИОТ КОМИТЕТ ЗА БЕЗБЕДНО МАЈЧИНСТВО

    АНА ДАНЕВА МАРКОВА ОД ГИНЕКОЛОГИЈА ЌЕ РАКОВОДИ СО НОВИОТ КОМИТЕТ ЗА БЕЗБЕДНО МАЈЧИНСТВО„Комитетот во наредниот период ќе работи интензивно за да даде побрзо и поефикасно препораки и предлози за мерките што треба да се преземат за намалување на смртноста кај доенчињата“, велат од Министерството за здравство.

    Д-р Ана Данева Маркова, од Клиниката за гинекологија, е претседател на новиот состав на Комитетот за безбедно мајчинство, кој денес ја одржа конститутивната седница. Комитетот е составен од лекари со долгогодишно искуство во гинекологија, акушерство, неонатологија и педијатрија.

    Министерството за здравство информираше дека една од првите задачи на Комитетот е да направи анализа на актуелната состојба и подготви акциски план со краткорочни, среднорочни и долгорочни решенија.

    „Комитетот кој претставува консултативно тело на министерот за здравство, во наредниот период интензивно ќе работи, за побрзо и поефикасно да даде препораки и предлози за унапредување на здравјето на мајките и децата, со посебен фокус на намалување на новороденечка смртност“, велат од Министерството за здравство.

    Венко Филипче, министер за здравство, вели дека дава силна поддршка на работата на Комитетот за безбедно мајчинство и дека очекува добра соработка за да донесат заеднички предлози, одлуки, заклучоци, со кои ќе се намали смртноста кај бебињата.

    Во новиот состав на Комитетот e и д-р Викторија Јовановска, директор на Клиниката за гинекологија и акушерство, д-р Катерина Ставриќ, директор на Клиниката за детски болести, а ова советодавно тело има околу 15 членови.

    Комитетот беше формиран во 2010 година, откако за неколку недели починаа неколку родилки и новороденчиња. Тој требаше да даде препораки како да се подобрат санитарно -хигиенските услови во родилиштата, да се обезбедат подобри услови за работа, да се набави нова опрема и да се обезбеди доволно кадар.

    Лекари од Клиниката за гинекологија велат дека ова советодавно тело, по почетната добра работа, потоа со години наназад воопшто не работело, и дека иако формално постоело, одамна не се состанало.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира