330 кандидати се пријавиле за 53 работни места за стручен кадар и помошен персонал во Општата болница Куманово. Најмногу заинтересирани имало за работното место медицински сестри, а потоа и лекари од општа пракса.
„За 8 работни места имаме пријавено 128 медицински сестри. Не е мал интересот и за доктори, па за 10 места конкурирале 36 кандидати. И покрај тоа што постојано се тврди дека немаме доволно доктори и медицински сестри, ова е показател дека ги има во голем број и добро е што сакаат да работат во јавното здравство“, изјави д-р. Снежана Захариева, директорка на болницата.
Меѓу пријавените доктори и сестри има и професионалци од приватните амбуланти и болници.
Општата болница во Куманово добила согласност од Министерството за здравство за 53 вработувања за да го пополни недостатокот од стручен кадар и помошен персонал што со години го имаше. Конкурсот завршил на 12 април, а избраните кандидати ќе започнат со работа од наредниот месец. Стручниот тим ќе го надополни со уште двајца радиолошки технолози, физиотерапевт и физикален техничар, 4 акушерки, 3 лаборанти, економист и правник, а од помошниот персонал тројца болничари, 4 хигиеничари, 2 магационери, електричар, хаус мајстор, котлар, 3 перачки и пеглачки, садоперки, двајца возачи, обезбедување и инкасатор.
Директорката Захариев вели дека новите вработувања им значат многу, бидејќи имале голем број испразнети работни места поради заминување во пензија, на работата во приватниот сектор или во странство, пред сè Германија, Авганистан и Ирак.
„Со пополнување на работните места ќе работиме порелаксирано и поквалитетно, како од стручниот кадар така и од помошниот персонал кој пружа услуги на пациентите и на вработените, – додава Захариева.
Општата Болница Куманово е најголемата здравствена установа во североисточниот регион и пружа лекарска услуга на над 200.000 пациенти од Крива Паланка, Кратово, Ранковце, Липково, Старо Нагоричане и Липково.
Во болницата има 660 вработени, од кои 75 се специјалисти, а недостасуваат околу педесетина лекари на сите одделенија.
С. НИКОЛИЌ