Холандската амбасада започнува кампања за намалување на употребата на пластичните ќеси: Имам торба, рече холандскиот амбасадор во Скопје Воутер Пломп на синоќешниот прием по повод Денот на кралот.
„Чистата и здрава средина е важна за сите нас. Утре заедно со нашите партнери Пивара Скопје и Пакомак ќе го имаме првиот клин-ап твит-ап. Најголем дел од ѓубрето што го собравме на претходните акции е пластика. Затоа започнуваме со кампања за намалување на употребата на пластичните ќеси: Имам торба“, кажа во говорот Пломп.
Присутните на приемот добија торби, дизајнирани од пет македонски дизајнери и направена од еко памук од холандска компанија во Македонија: Хавеп.
„Користете го хаштагот Имам Торба на социјалните медиуми и бидете нашите први промотори! Промената сепак започнува со секој од нас: сите ние можеме да дадеме свој придонес!“, порача амбасадорот.
Амбасадорот Пломп го посочи движењето Критичната маса, организирано од На Точак, како јасен пример за тоа како граѓаните можат да придонесат кон промени.
„Ова движење за мене е јасен пример за тоа како граѓаните можат да придонесат кон промени. Скопје започнува да личи на вистински вело-град и горд сум што Амбасадата е дел од овие промени уште од 2008 година, со првата реконструкција на велосипедска патека во Аеродром“, вели амбасадорот Пломп.