Холандскиот амбасадор Воутер Пломп, амбасадорот на Велика Британија Чарлс Гарет и американскиот амбасадор Џес Бејли, денес на кејот на Вардар зад Луна Парк го чистеа расфрланиот смет од кејот и на брегот на реката Вардар, во рамки на еко акцијата, која трета година по ред ја организира амбасадата на Кралството Холандија заедно со компаниите „Пивара скопје“ и „Пакомак“.
Холандскиот амбасадор Пломп кажа дека е среќен што оваа акција, која почнала како мал настан, прераснала во голема еко акција во која се вклучиле и граѓаните, но и власта.
„Сите мора да се вклучат во ова и сите може да направиме во намалувањето на отпадот. Властите да обезбедат повеќе контејнери, повеќе можности за селектирање на отпадот и за негово собирање, граѓаните со бизнис заедницата треба да направат сè што можат да ја намалат колишината на отпад и да не фрлаат отпад секаде“, кажа Пломп.
Британскиот амбасадор Гарет пак кажа дека кејот на Вардар е многу убаво место за рекреација, но кога има ѓубре тоа е малку погрдо.
„Денес има акција за чистење на ѓубрето и се надевам дека до вечерва местото ќе биде поубаво. Треба да се однесуваме малку поинаку, луѓето да го земат ѓубрето со себе и да го однесат дома и да го фрлат во кантите за отпадоци. Сите имаме одговорност убавите места да не ги нагрдуваме, и граѓаните и локалните власти“, кажа амабасадорот Гарет.
Во Македонија годишно се создаваат 700.000 тони отпад, од кои 16 отсто се амбалажен отпад. Според Филип Ивановски, извршен директор на компанијата „Пакомак“, овој отпад може да се рециклира и преработи и да не заврши на некоја од депониите.
„Една од нашите активности е подигање на јавната свест за селекција на отпад. Од вкупната количина амбалажен отпад преку нашиот систем за селекција на отпад влчегуваат 48.000 тони амбалажен отпад, и во овој ситем се вклучени над 820 компании. За жал 45 отсто од компаниите никаде не финансираат собирање на амбалажен отпад, апелирам до нив и тие да се вклучат“, кажа Ивановски.
Ова е трета акција во организација на холандската амбасада заедно со „Пивара Скопје“ и „Пакомак“. Во претходните две еко акции се собираше сметот на кејот на Вардар и од Езерото Матка, а неколку години порано амбасадата на Холандија организираше и акција за чистење на Маврово.
Е. БОЧВАРОСКА