Со поразот во второто коло на турнирот во Барселона, Новак Ѓоковиќ го забележа најлошиот старт на една сезона во својата професионална кариера.
Поразот од Словакот Мартин Клижан му беше петти на десетте мечеви во 2018 година и тој продолжи да се мачи со формата, иако во пресрет на Отвореното првенство на Австралија зеде шестмесечна пауза.
По тајната операција на лакотот што уследи по Мелбурн, Ѓоковиќ загуби во првото коло на Мастерс турнирите во Индијан Велс и Мајами, а најдалеку стигна во Монте Карло – до третата рунда.
„Жалам што не ги исполнив очекувањата, и на навивачите и мои лично. Не бев на потребното ниво. Ќе продолжам да се обидувам, па ќе видам каде ќе ме одведе тоа. Морам да бидам трпелив и напорно да работам, тоа е единствениот пат“, вели српскиот тенисер, кој моментално се наоѓа на 12. место на АТП-листата.
Следниот турнир на којшто Ѓоковиќ го има потврдено учеството е Мастерсот во Мадрид, што почнува на 6 мај, но за да се врати во натпреварувачки ритам, тој, можеби, ќе прифати да игра на турнири на коишто досега не се појавуваше, рецептот што му помогна на Рафаел Надал. Еден од нив е оној во португалски Ешторил (30 април), за кој има добиено покана.