ЏАФЕРИ ГО ПРЕДУПРЕДИ ЗАЕВ ДА ПРЕЗЕМЕ МЕРКИ ЗА ОДНЕСУВАЊЕТО НА МИНИСТРИТЕ ВО СОБРАНИЕТО

    ЏАФЕРИ ГО ПРЕДУПРЕДИ ЗАЕВ ДА ПРЕЗЕМЕ МЕРКИ ЗА ОДНЕСУВАЊЕТО НА МИНИСТРИТЕ ВО СОБРАНИЕТОПратениците на ВМРО-ДПМНЕ не учествуваат на неформалното поставување на прашања до премиерот Зоран Заев и министрите, за време на паузата на седницата за пратенички прашања. (Фото: СДК.МК)

    По предупредувањето до пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за пуштената музика, претседателот на Собранието Талат Џафери го предупреди и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски да ги избрише снимките што ги сними со мобилниот телефон, но го предупреди и премиерот Зоран Заев да преземе мерки за време на седницата за пратенички прашања.

    Министерот Манчевски стана и ги снимаше пратениците на ВМРО-ДПМНЕ како одговор на обвинувањата дека половина Влада не присуствува на пратеничките прашања. На тоа реагираше претседателот на Собранието Талат Џафери и му рече на Манчевски да престане да ги снима пратениците.

    „Министре, седете долу и избришете ја снимката што ја направивте. Премиере, преземете мерки. Ова е последно предупредување“, му рече Џафери на Заев.

    Премиерот Зоран Заев на прашањето за случајот „Монструм“ рече дека во бомбите немало конкретни докази, туку сериозни индиции за случајот.

    „Моја обврска како граѓанин, а во тоа време и како лидер на опозицијата, беше да ги предадам бомбите во системот, односно Специјалното јавно обвинителство. Родителите на убиените заслужуваат дополнителна истрага. Но, не смеам како политичар да бидам и истражител и обвинител“, рече Заев.

    Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не учествуваат на неформалното поставување на прашања до премиерот и министрите, за време на паузата на седницата за пратенички прашања кое координаторот на СДСМ Томислав Тунтев го најави пред неколку дена.

    Неколку пратеници од опозицијата со кои разговаравме, велат дека не гледаат логика и нема поента да поставуваат прашања неформално, кога ја имаат говорницата во Собранието.

    Претседателот Џафери на денешната седница на која се поставуваа пратенички прашања, постојано ги опоменуваше за недолично однесување пратениците и од опозицијата и од власта.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира