Повеќе синдикални организации денес протестираа во Скопје, по повод Меѓунраодниот ден на трудот – 1 Мај. Иако тргнаа од различни страни сите околу пладне се собраа пред Владата, за да го искажат незадоволството од условите за работа и лошите законски решенија, кои ги донесе претходната власт.
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) протестниот марш го почна од пред седиштето во центарот на Скопје, а претседателот на ССМ Дарко Димески во Владата ја однесе декларацијата со барањата на синдикалците.
Синдикатот бара промена на Законот за работни односи, кои вистински ќе ги штитат правата на работници, регрес за годишен одмор за сите работници и подобар општ колективен договор и за приватниот и за јавниот сектор. ССМ исто така побара да запре мобингот на работните места.
Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ, кој протестниот марш го почна од плоштадот Карпошово Востание, побара пристојни услови за работа и пристојани плати за новинарите и медиумските работници.
„Изминатите неколку години дел од синдикатите не се согласија да молчат. Беа на улица, денеска се повторно на улица. Добивме многу ветувања, но ситуацијата не се подобрува“, рече Тамара Чаушидис, претседател на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ).
Конфедерацијата на синдикалните организации, кој протестот го почна од пред зградата на Македонската радио и телевизија, протестираше против големите глоби што извршителите им ги наплаќаат на граѓаните.
„Протестираме против извршителите. Бараме запирање на сите блокирани сметки на граѓаните и нов Закон за извршување“, кажа Ана Глигорова, од Конфедерацијата на синдикалните организации.