Вандализам и насилство ја одбележаа прославата на Меѓународниот ден на трудот во Париз, кадешто стотици демонстранти го кренаа својот глас против економската политика на претседателот Емануел Макрон.
Некои од учесниците кршеа прозорци на ресторан „Мекдоналдс“ и исфрлија и запалија мебел на улица, откако маршот се вжешти и стана насилен. ТВ-снимките покажаа и како демонстранти превртуваат еден автомобил и потоа го палат.
Министерот на внатрешни работи Жерар Колон на Твитер ги осуди насилството и вандализмот.
„Над 1.200 маскирани луѓе имаше на протестот. Тие фрлија молотов коктел врз ресторан ‘Мекдоналдс‘ и го запалија“, објави полицијата.
Освен ресторанот, беше оштетен и еден салон на „Рено“.