Лабараторијата за радиоекологија при Институтот за јавно здравје ги мери вредностите на радиоактивност на депонијата во поранешната фабрика за вештачко ѓубриво „Хемиска Индустрија Велес“ (ХИВ) и таму нема вредности кои се високи и алармантни. Ова се вели во писмениот одговор за тоа дали оваа институција мери и какви се вредностите кои се таму забележани.
„Измерените вредности на идентификуваните радиоактивни елементи со природно потекло во анализираните примероци фосфор гипс се под концентрациите на истите елементи во почвата од локации кои ги мониторираме и тоа Скопје, Битола, Охрид, Злетово и Гевгелија“, пишува во информацијата на Лабораторијата за радиоекологија при Институтот за јавно здравје на РМ.
Овие вредности тие ги констатирале после извршените голем број на мерења во последните години на материјалот од депонијата, а последното било лани.
„Измерените вредности заклучно со 2017 покажуваат ниска содржина на присутни радиоактивни елементи и тоа во просек, радиум 226 (Ra-226) го има 7,2 Bq/kg, (бекерели на килограм) ториум (Th-232) кој е незначително радиоактивен со 1.7 bq/kg и радиоактивен изотоп на калиум (K-40) кој има долг век на распад со 20,8 Bq/kg“, се резултати од мерењата кои ги објави Лабораторијата за радиоекологија.
Во согласност со Правилникот за максимално дозволени количини на радионуклиди во метали, проценките на стручните лица од Лабараторијата се дека ниските вредности на присутните радиоактивни елементи го прават фосфор гипсот погоден за користење како градежен материјал без ограничување во поглед на содржина на радиоактивни елементи.
Депонијата со отпаден фосфор-гипс се наоѓа во близина на автопатот, на делницата Градско – Велес и на стариот регионален пат на истата релација. Видлива е за возачите, иако е скриена во борова шума. Но белата боја отскокнува од околното зеленило. Депонијата денес е напуштена и отворена. За неа, како една од црните еко точки во Македонија, има работено д-р Трајче Стафилов, професор на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Стафилов се повика на резултатите од пред 12 години, дека депонијата била радиоактивна. Тоа го потврдија и поранешните работници во фабриката кои кажаа дека овој отпаден гипс го купила фирма од Словенија за да го преработува, но откако првите количини биле испорачени, бргу, бргу биле вратени затоа што Словенците измериле дека е со висока радиоактивност. Го раскинале дговорот, а ниту парите кои ги уплатиле ги побарале назад.
Велешките екологисти од еколошкото друштво „Вила Зора“ побараа од надлежните да се изјаснат дали е радиоактивен отпадот од фабриката за вештачко ѓубре.
П. ПЕЧКОВ