СО ОДОБРЕНИЕ ОД МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО СКЛУЧУВАВМЕ ДОГОВОРИ СО КАТЛАНОВСКА БАЊА, ВЕЛАТ ОД ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО

    СО ОДОБРЕНИЕ ОД МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО СКЛУЧУВАВМЕ ДОГОВОРИ СО КАТЛАНОВСКА БАЊА, ВЕЛАТ ОД ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВООд Фондот за здравствено осигурување на Македонија велат дека последниот важеќки договор со Катлановска бања го склучиле во 2014 година со писмено одобрение од Министерство за здравство. -Директорите на ФЗОМ ден Дончев и Орхан Рамадани (Фото: архивска фотографија СДК.МК)

    Фондот за здравствено осигурување информираше дека го ставил во мирување договорот со Катлановска бања за купување здравствени услуги и дека ги ставил во мирување факсимилите на лекарите од оваа установа во електронскиот систем на Фондот. Овој последен договор со Катлановска бања, како што велат од ФЗОМ е склучен во јануари 2014 година со рок на важење од пет години и со писмено одобрение од Министерството за здравство.

    Од ФЗОМ велат дека ваква мерка презеле по информацијата од Државниот санитарен и здравствен инспекторат дека донеле решение за забрана на вршење на здравствена дејност на Катлановска бања.

    „Сите осигурени лица кои веќе имаат започнато специјализирана медицинска рехабилитација, како продолжено болничко лекување, заклучно со 30 април оваа година ќе продолжат да ја остваруваат истата, согласно издадено решение на Фондот. Сите осигуреници кои се на листа на чекање, или имаат веќе закажан термин од први овој месец во Катлановска бања, можат да го остварат своето право во друг центар за рехабилитација“, велат од ФЗОМ.

    Државниот санитарен и здравствен инспекторат вчера соопшти дека донел решение со кое на Катлановска бања ѝ се забранува да дава здравствени услуги, бидејќи при вонредниот надзор направен минатиот месец констатирале дека овој правен субјект нема дозвола за вршење здравствена дејност, што ја издава Министерство за здравство. Забраната за давање здравствени услуги ќе важи додека Катлановска бања не ја обезбеди потребната дозвола за вршење здравствена дејност.

    „При надзорот правниот субјект не даде на увид дозвола за вршење здравствена дејност од Министерството за здравство, поради што донесовме решение со кое на овој субјект му се изрекува забрана за вршење на здравствени услуги Тоа значи дека не се забранува бањско рекреативно лекување, но сите здравствени услуги за кои пациенти се упатуваат да ги добијат на товар на ФЗОМ се забранети. Тоа вклучува и медицинска рехабилитација и прегледи“, рече Д-р Ирина Сотирова Бухова, директор на ДСЗИ.

    Таа кажа дека при вонредната контрола, која ја направиле на 14 минатиот месец по анонимна дојава, во Катлановска бања затекнале тројца доктори, кои не се македонски државјани и кои немале лиценца за работа во земјава, како вршат прегледи.

    Д-р Сотирова Бухова кажа дека во тек се вонредни контроли и во другите установи за бањско лекување, кои имаа склучено договор со ФЗОМ.

    „До 2014 година договорите за здравствени услуги со Катлановска бања Фондот ги има склучено врз основа на решение од Министерство за здравство за вршење дејност продолжено лекување и рехабилитација издадено на 24.10.2000 година. Последниот склучен договор со Катлановска бања и ФЗОМ е од 1.1.2014 година со важност од 5 години.

    Од ФЗОМ велат дека последниот договор со Катлановска бања го склучиле врз основа на тоа што овој правен субјект е вклучен во мрежата на здравствени установи од Министерството за здравство и врз основа на писмено одобрение од Министерството за здравство.

    „Пред склучувањето на последниот важечки договор со Катлановска бања, на 10.01.2014 година, Фондот за здравствено осигурување се обрати до Министерството за здравство во врска со статусот и пререгистрацијата на Катлановска бања и нејзиното право да врши здравствена дејност. Од Министерството за здравство на 27.01.2014 добивме мислење дека Катлановска бања е опфатена во мрежата на здравсвтени установи и ФЗОМ треба да продолжи да склучува договор со истата. Во писменото одобрение од Министерството за здравство од јануари 2014 година се укажува дека Катлановска бања има решение за дозвола за работа, согласно стариот закон за здравствена заштита, при што Фондот за здравствено осигурување треба да продолжи да склучува договор со Катлановска бања се до обновување на нејзината дозвола за работа од страна на Министерството за здравство“, велат од ФЗОМ.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира