Четири децении откако призна дека имал секс со малолетничка во САД, Американската филмска академија, која ги доделува Оскарите, одлучи да го казни Роман Полански и да го исклучи од своето членство, заедно со комичарот Бил Козби.
Во меѓувреме, полскиот режисер и бегалец од правдата доби уште три номинации за Оскар, а кога конечно го освои за „Пијанистот“ во 2003 година, иако не беше присутен, тој доби громогласен аплауз и стоечки овации од публиката, дури и од Мартин Скорсезе и Мерил Стрип.
Академијата првпат реагираше на сексуални скандали во своите редови пред седум месеци, кога го избрка Харви Вајнстин, а сега објави дека ги затвора своите врати и за Полански и Козби, кој пред неколку дена беше прогласен за виновен за стар случај на силување.
Адвокатот на Полански, Харлан Браун, изјави дека 84-годишниот режисер „не може да ја разбере одлуката на Академијата“.
Кога Полански беше уапсен во Цирих пред девет години и американските власти се обидоа да го екстрадираат, над 100 славни личности потпишаа петиција за негово ослободување, вклучувајќи ги Вајнстин, Скорсезе, Натали Портман, Стивен Спилберг, Дарен Аронофски, Вуди Ален, Дејвид Линч и Пенелопе Крус.
Тој продолжи да снима филмови со актери од холивудската А-листа, но по појавата на движењата #MeToo и Time’s Up, некои од нив се покајаа.
„Живеевме во различен свет, но тоа не треба да биде оправдување за ништо. Но, можеш да ги отвориш очите. Моите не беа отворени“, кажа Натали Портман.
Полански деновиве во својата татковина го промовираше својот нов филм „Засновано на вистинска приказна“, но организаторите на фестивалот во Краков кажаа дека тој веќе си заминал и нема да дава коментари.