Жителите од дивата населба Баир се гушат во сопственото ѓубре. Местото е неурбанизирано и никнуваат куќи и кривулести, тесни, калливи патеки според потребите на жителите.
Организираното собирањето на сметот тука е ограничено зашто има делови до кои не можат да допрат камионите на „Комуналец“, а и ѓубрето е расфрлано на сите страни. Бидејќи населбата е на угорнина, жителите се ослободуваат од ѓубрето фрлајќи го надолу и така се загадуваат едни со други и создаваат диви депонии.
„Трпиме многу смет, не можеме ни прозорец да отвориме. Ѓубрето го фрлаат овде кај нас, има една удолнина веднаш до нашиот двор. Децата ќе ни се споболат. Ѓубрето ни го фрлаат луѓето кои живеат горе над нас, а ние го фрламе долу. Тука кај асфалтот го берат ѓубреџии, но горе кај што сме населени ние нема контејнери“, рече Ѓултен Исовска.
Дел од жителите признаваат дека сметот го фрлат на други диви депонии низ градот.
„Мора луѓето да фрлат на депонијата за да им биде чисто. Некој над патот горе фрла, некој под патот. Јас имам возило го фрлам сметот кај ќе ми текне, кај страта Тулана, по други депонии“, вели Рафет Мемишовски.
Општина Битола и јавните претпијатија од Битола придружувајќи се на акцијата иницирана од ЗЕЛС за средување и честење на животната средина низ општините, денес излегоа на терен да ги исчистат депониите во дивата населба Баир. И директорите на претпријатијата, заменик градоначалничката Емилија Костурска и советници ги засукаа ракавите и собираа ѓубре.
„Околу 50 диви депонии годишно се јавуваат во општината кои ние ги чистиме, но граѓаните пак ги полнат. Апелираме секој кој има отпад да ни јави ние од дома ќе го крениме, само да не се прават депонии. Но, во однос на организирано подигање на сметот во горните делови на Баир е тешко изводливо. Ова е најгорливиот проблем во градот, најголемата депонија е овде. Ние сме сериозни во намерите да најдеме решение за организирано подигање на сметот и кај овие групи граѓани“, рече директорот на ЈП „Комуналец“, Панде Богоевски.
Додека жителите се жалеа дека немаат контејнери, во гулабарник подигнат до депонијата, вработените од „Комуналец“ најдоа делови од украден контејнер. На друга куќа пак, оградата беше направена од кршените камења што се користеа за габиони за санирање на свлечиштето на обиколницата. Во иднина ќе треба да се работи на подобрување на животните услови на Баирот, но и на стекнување на навики кај населението за хигиенско одлагање на сметот.
Претседателот на Советот Валентин Груевски запашан дали размислуваат за формирање на еколошка полиција која ќе санкционира граѓани што фрлаат смет на диви депонии рече дека потребно е зголемување на комуналните служби во Општина Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА