Владата ги прифати законските измени за укинување на временското ограничување за продажба на алкохол. Од Владата информираат дека на денешната седница бил прифатен предлогот за измени и дополнувања на Законот за трговија, кои ги подготви Министерството за економија. Со законските измени е предвидено да се укинат ограничувањата на времето на продажба на алкохолни пијалаци во трговијата на мало и на малопродажните објекти, во кои тоа беше забрането со законот од 2008 година.
Според сега важечките законски одредби алкохолни пијалоци во малопродажните места може да се продаваат до 19 часот во зима и до 21 часот во лето.
„Законските измени предвидуваат продажбата на алкохолни пијалаци во трговијата на мало и понатаму да се врши во лиценцирани продажни објекти. При тоа нема да се бараат посебни услови во продажниот објект за продажба на алкохолни пијалаци, ниту ќе се ограничуваат малопродажните објекти во кои истата ќе се врши, односно ќе се дозволи продажбата на истите и во киосците. Со законските измени веќе нема да има ограничување на времето за продажба на алкохолни пијалаци во малопродажните објекти во трговијата“, соопшти Владата.
Предлогот за измени и дополнувања на Законот за трговија, по ова ќе биде даден на усвојување во Собранието.