Премиерот Зоран Заев, советничката за култура во Владата на Македонија, Цветанка Ласкова, министерот за култура Роберт Алаѓозовски и министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски беа меѓу гостите на вечерашното свечено отворање на 46. Мајски оперски вечери во Македонската опера и балет (МОБ).
По говорите на в.д директорот на МОБ Ќазим Асотиќ и на премиерот Заев во фоајето на МОБ, во кои рекоа дека годинава МОВ ги слави Пучини и Росини, како и дека Мајските оперски вечери со сите подеми и падови во речиси половина век постоење , сепак успеаја да останат верни на својата базична идеја за космополитизам.
Фестивалскиот оган го запали првенката на Операта, Весна Ѓиноска- Илкова, по што следеше премиерата на операта од Пучини, „Боеми“ која се поставува после 11 години.
Режисер е поранешниот директор на МОБ, Дејан Прошев, диригент е Џанлука Мартиненги од Италија, а во главните улоги, како љубовниците Родолфо и Мими, настапија Ѓорѓи Цуцковски и Благица Поп Томова. Сценографијата е на Зоран Николовски, а костимите на Марија Пупучевска.
„Боеми“ е по либретото на Луиџи Илика и Џузепе Џакоса кое се базира на романот „Животот на боемите“ од Хенри Мургер. Во сижето е трагична љубовна приказна во Париз на крајот на 19 век.
Мајските оперски вечери траат до 31 мај, а ќе се изведат и оперите „Тоска“, „Турандот“, „Змејот од Босна“ со гостување на Босанската државна опера и „Аида“, а ќе има и гала оперски и гала балетски концерти.
Од останатите настани, за утре во фоајето на МОБ, во 20 часот, е најавена промоција на најновата книга на Аки Нуредини, хуманитарец, вљубеник во оперската уметност и сопственик на ресторанот „О соле“ во Виена, собирно место на светскиот оперски џет сет.
Во фоајето на МОБ до крајот на Вечерите ќе бидат поставени ретроспективната изложба на фотографии и плакати со наслов „#ретрОпера“, која ја подготви Одделението за документација и историска архива при МОБ, како и изложбата на скулптури од Васе Урдин.
Ќе се отворат и јубилејната изложба на фотографии „Данка Фирфова – 100 години од раѓањето“ и изложба за 70 години Балет, а ќе има и промоција на монографија на Зина Креља.
Б. НЕСТОРОСКА