Државниот министер за Европа во германското МНР Михаел Рот кажа дека прашањето за името треба да се реши годинава или статус кво ситуацијата ќе продолжи со години на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев во Владата. Рот вели дека има волја кај двете страни и може да се стигне до заеднички прифатлив компромис.
„Потребни се конструктивност, креативност и флексибилност. Македонската Влада е позитивна и креативна, а таква е и Владата во Атина, и затоа гледам светлина на крајот на еден долг тунел. Последните изјави ја потврдуваат волјата прашањето сега да се реши, и двете страни се подготвени за тешки компромиси. Германија дава целосна поддршка“, кажа Рот.
Заев рече дека целта на Македонија е почеток на преговорите со ЕУ и покана за НАТО во 2018 година.
„Остануваме убедени дека лидерите на ЕУ го препознаваат моментумот дека времето на РМ да и биде дадена европската перспектива е сега, оваа година. Сакаме да ја оствариме нашата просперитетна иднина со наш придонес секако и за посилна ЕУ“, рече Заев.