Двајца крадци, едниот од Тетово а вториот од село Озормиште за еден месец ограбиле шест православни цркви во тетовско. Тие ги ограбиле црквите во Тетово, Копанце, Радиовце и Подбреѓе. Кражбите ги извршиле со насилно отворање на влезните врати или со кршење на прозорците, по што од каси, маси за продажба на свеќи или од икони одзеле парични средства во вкупен износ од над 6.000 денари, а причиниле и поголема материјaлна штета.
Како сторители на овие шест кражби, СВР Тетово ги сомничи дваесет и двегодишниот Џ.М. од Тетово и 17 годишник од село Озормиште, тетовско. Тие во разговор во полициска станица ги признале делата, а од полицијата најавуваат дека по целосно документирање на случаите против нив ќе виде поднесен соодветен поднесок.
Во првите три месеци од оваа година на поширокото полошко подрачје вкупно биле регистрирани 15 кражби во верски објекти, од кои 12 на тетовските и 3 на гостиварските простори. Од нив, 12 биле во православни цркви, а 3 во џамии.
Она што е карактеристично е дека последниве години од верските објекти најчесто се одземаат парични средства, додека претходно на мета на крадците беа и вредни икони или црковни предмети.
З. АНДОНОВ