ЧИСТАЧКА ВО СКОПСКАТА ГРАДСКА БОЛНИЦА ЈА УДРИЛО СТРУЈА ОТИ ПРОТЕКУВА РЕНОВИРАНИОТ КРОВ

    ЧИСТАЧКА ВО СКОПСКАТА ГРАДСКА БОЛНИЦА ЈА УДРИЛО СТРУЈА ОТИ ПРОТЕКУВА РЕНОВИРАНИОТ КРОВУништени ѕидови и пожолтени тавани има и во дел од болничките соби на трауматолошкото одделение. Од болницата велат дека постојано ги санираат и врасоуваат, но по секој дожд повторно се јавуваат проблеми (Фото: М.Златевска)

    Лие вода при секој дожд во болницата за хируршки болести „Св.Наум Охридски“ во Скопје, или поранешна градска болница, бидејќи тече од новиот кров. Во делови од болницата буквално постои опасност да падне таванот, а најлоша е состојбата во одделот за рендген кај магнетната резонанца и на трауматолошкото одделение.

    Пожолтени, излупени и мувлосани ѕидови и тавани може да се видат по ходниците, собите каде лежат пациенти, како и во канцелариите на повеќе доктори. Слична е сликата на одделот за рендгенологија, каде лани една од вработените ја удрило струја кога се обидела да го вклучи светлото.

    Тоалетот во делот кај магнетната резонанца редовно се поплавува, а вода лие и од ѕидовите во ходникот, поради што често доаѓа дефекти во напојувањето со струја (Фото: М.Златевска)

    „Жената што чисти овде ја удри струја, кога се обидела да го вклучи светлото за да исчисти во делот каде што е магнетот. Заврши на интензивна нега. Среќа во несреќа е што добро помина, без поголеми последици. При секој дожд буквално лие вода од ѕидовите, а ставаме кебиња долу на подот да не се излизга некој вработен, или пациент“, раскажуваат вработени во болницата.

    Во деловите каде е најкритично неколку пати се санирани штетите и варосувани таваните, но по секој дожд повторно се јавуваат истите проблеми. Освен во собите на докторите на третиот кат од болницата, поплавени се и просториите каде се чува архивата, каде буквално се познаваат мокри делови на таванот, кој секој момент може да падне.

    Д-р Иван Спировски, директор на „Св. Наум Охридски“, потврди дека имаат проблеми со кровот, иако тој е реновиран пред околу пет години.

    Собите на докторите, кои се на третиот кат се најуништени, а во дел од нив постои опасност да падне таванот (Фото: М.Златевска)

    „Кога го реновирале кровот под самата кровна конструкција ставен е лим. На делови тој лим не е добро поставен и пропушта атмосферска вода. Тече на трауматолошкото одделение, но не во делот каде што се собите за пациентите, туку во делот на лекарските соби. Во дел од лекарските соби таванот е целосно уништен и пропушта вода. Исто така вода во просториите каде чуваме материјали за тековна работа“, вели д-р Спировки.

    Излупени и пожолтени ѕидови може да се видат на трауматолошкото одделение, во дел од докторските соби, како и во просториите каде се чува архивата на болницата (Фото: М.Златевска )

    Реконструкцијата на кровот во оваа болница беше направен пред околу пет години. Пред две години поранешниот министер за здравство Никола Тодоров најави и целосна реконструкција на болницата за 2,3 милиони евра. Обновата на болницата почна, но таа сега е запрена. Болницата сега нема доволно средства во буџетот да направи санација на кровот.

    „Сме добиле нов кров, кој е толку лошо изведен што повеќе претставува систем за собирање на сета атмосферска вода, отколку што е кров“, вели д-р Спировски.

    Целосна реконструкција на болницата од 2,3 милиони евра најави екс министерот за здравство Никола Тодоров во септември 2016 година. Градежните работи почнаа, но обновата остана незавршена, иако според најавите се требаше да биде готово до април лани (Фото: М.Златевска)

    Тој вели дека бараат решение да го санираат кровот, и дека помош побарале од Министерството за здравство.
    Надлежните во Министерството за здравство велат дека ќе помогнат да се направат потребните поправки.

    Е.БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира