Градоначаланикот на Скопје Петре Шилегов ја смени директорката на Универзална сала Вера Бошковска и директори на седум средни училишта во Скопје. Од кабинетот на градоначалникот велат дека на местото за Бошковска, за директор поставен е Филип Аврамчев, кој веќе една недела ја врши оваа функција.
Во средните училишта нови директори се поставени во „Раде Јовчевски Корчагин“, „Никола Карев“, „Орце Николов“, „Здравко Цветковски“, „Арсени Јовков“, „Цветан Димов“ и во „Шаип Јусуф“.
„Директорот на ‘Раде Јовчевски Корчагин’ е разрешен откако училишниот одбор покрена постапка за низа неправилности во неговата работа. Директорот на средното училиште ‘Шаип Јусуф’ беше разрешен по предлог на Државниот просветен инспекторат бидејќи за в.д. директор бил именуван незаконски. Останатите директори сами си поднесоа оставки“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од кабинетот на градоначаникот Шилегов.
Во февруари, дел од наставниците во средните училишта во Скопје му испратија писмо на Шилегов прашувајќи го зошто не менува директори односно дозволува на функција на бидат лица кои учествувале во организираниот напад на Собранието на 27 април и кои изминативе девет години секојдневно вршеле мобинг и притисоци врз нив.
Тогаш Шилегов ни изјави дека нема намера да го крши законот и без да се исполнат законските услови да менува директорите.
„За да може еден директор да се смени треба да му истече мандатот, да си поднесе оставка, да почне постапка по барање на училишни одбори или доколку државниот инспекторат за образование утврди нерегуларност во работење. Немам намера да го кршам законот и без да се исполни еден од овие услови да менувам директори. На седница на Советот на Град Скопје во јануари поставивме нови членови на училишните одбори. Се испитува работењето на сите директори, во некои училишта постапката е во завршна фаза“, изјави на тогаш Шилегов.
А. АНТЕВСКА