Премиерката на Обединето кралство Тереза Меј во колумна што ексклузивно ја објавува САКАМДАКАЖАМ.МК пишува дека се чувствува оптимизмот и еланот да се обезбеди просперитетна иднина за сите граѓани на Македонија, а Велика Британија е решена да нѐ поддржи да ја оствариме таа реалност.
Колумната е по повод нејзината денешна работна посета на Република Македонија.
Ова е прва посета на британски премиер на Република Македонија од 1999 година, кога земјава ја посети тогашниот премиер Тони Блер за време на косовската бегалска криза. Посетата на Меј се совпаѓа со 25-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Лондон и Скопје, за што таа вели дека Британија и Македонија не биле никогаш поблиски.
Британската премиерка во Скопје ќе допатува од Софија, каде што учествува на Самитот на Европската унија за Западен Балкан.
Во продолжение е колумната на Тереза Меј.
Во 1993 година, додека светот се двоумеше како да одговори на распадот на Југославија, Обединетото Кралство беше една од првите нации кои воспоставија дипломатски односи со новата независна земја Македонија.
Годинава бележиме 25-годишен јубилеј на овој посебен момент во нашата заедничка историја, а врските меѓу Лондон и Скопје се посилни од кога било – и многу сум задоволна што денес имам можност да ја посетам и да ги видам лично убавините на оваа земја.
Кога светските лидери дискутираат за Западниот Балкан, лесно е да се обесхрабрат од наследството од спорови. Овие проблеми може да изгледаат нерешливи и многу од тешките прашања немаат епилог до денес, вклучително и внатрешните конфликти во регионот, сериозниот и организиран криминал, нелегалната миграција, тероризмот и екстремизмот.
Се разбира дека мора да сме подготвени за предизвиците и да сме свесни за ризиците од нестабилност. Но, ние имаме заедничка амбиција да и помогнеме на Македонија и Западниот Балкан да создадат мирна, просперитетна и демократска иднина која ја заслужуваат заедниците и граѓаните.
Македонија која е просперитетна и стабилна, не е добра само за себеси, туку за целиот Западен Балкан и Европа. Затоа Обединетото Кралство ја зголеми програмската поддршка која ја даваме на Македонија од еден милион на четири милиони фунти. Сакаме да и помогнеме на Македонија да го зајкане владеењето на правото, да го унапреди доброто владеење и реформите во безбедносниот сектор, во склад со обврските кои ги презеде премиерот Заев.
Знам дека многу луѓе овде во Македонија и низ Западниот Балкан се фрустрирани од бавното темпо на напредок во виталните реформи кои ќе го подобрат животот за сите.
Имам разбирање за нивната фрустрираност. Но, со вистинската политичка волја, може да има напредок и тој да биде далекусежен.
Видете само што се случи во оваа земја. Многу години патот за реформи беше блокиран од запаѓањето во „заробена држава“, а институциите, вклучително и судовите, медиумите и јавната администрација беа под изразено политичко влијание. Сепак денес 18 месеци по парламентарните избори, гледаме влада и парламент кои се фокусирани на зајакнување на демократијата, владеењето на правото и градењето на добри односи со соседите.
Денес исто така гледаме и влада која е спремна да се ангажира глобално. Кога во март на улиците на еден британски град се употреби руско хемиско оружје, Македонија не се двоумеше да ја покаже својата солидарност со Британија, да се изјасни во одбрана на меѓународниот правен поредок и да протера руски дипломат, за што во Обединетото Кралство сме многу благодарни.
Договорот за пријателство потпишан со Бугарија минатото лето покажа дека Македонија ги прифаќа европските вредности, со тоа давајќи пример за другите низ светот.
Гледаме дека секој ден има напредок и на денешниот самит во Софија ќе ја наведам Македонија како пример на она што може да се постигне. Се надевам дека ќе видам понатамошен напредок кога подоцна годинава лидерите од регионот ќе се соберат во Лондон, како можност премиерите од Западниот Балкан да покажат дека се ангажираат за важните прашања и дека посветено се справуваат со предизвиците кои подеднакво ги кочат и земјите и луѓето.
Самитот во Лондон исто така ќе ја истакне посветеноста на Обединетото Кралство кон Македонија и регионот. Фокусирани сме на три цели – да ја зајакнеме регионалната безбедносна соработка за да си помогнеме во справувањето со заедничките закани како корупцијата и организираниот криминал, да ја подобриме економската стабилност и бизнис амбиентот и да поттикнеме поголема политичка соработка за да му помогнеме на Западниот Балкан да ги реши билатералните спорови и наследените прашања кои произлегуваат од тешкотиите низ изминатите триесет години.
Во овие 25 години Британија и Македонија никогаш не биле поблиски. Особено ме радува што ја посетувам Македонија во време на надеж за иднината и да го почувствувам оптимизмот и еланот да се обезбеди просперитетна иднина за сите граѓани на Македонија. Решени сме да ве поддржиме да ја остварите таа реалност.