(За САКАМДАКАЖАМ.МК од Софија: Горан Трпеноски)
Македонскиот премиер Зоран Заев кажа дека на денешната средба со грчкиот премиер Алексис Ципрас во Софија разгледале неколку опции за креативно решение на спорот за името и утврдиле една опција што може да биде прифатлива за двете страни.
„Утврдивме една опција што може да биде прифатлива за двете страни, но мораме да внимаваме како тоа ќе биде институционално спроведено. Мораме да разговараме со претседателите на двете држави, со другите лидери, со шефовите на опозициите“, изјави Заев на прес-конференцијата по средбата на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан.
Како што кажа Заев, ако потенцијалното решение на спорот за името што го утврдиле денеска со Ципрас биде внатрешно во двете земји соодветно прифатено и потврдено, би било и официјализирано.
Заев не прецизираше за какво решение станува збор, ниту пак дали со Ципрас разговарале за промена на македонскиот Устав.
„Знаете дека во јуни има Самит на ЕУ, во јули Самит на НАТО и Македонија посакува дотогаш да биде најдено решение, но ако не се најде продолжуваме да бараме“, додаде Заев.