Ниеден од операторите, а биле 16 кои ја подигнале тендерската документација за набавка на ново блиндирано патничко возило за МВР, немале забелешка или барање за измена на документацијата и тендерот е чист, рече во завршните зборови адвокатката на обвинетиот Никола Груевски во случајот на СЈО „Тенк“ денеска во Основниот суд Скопје 1, Сања Алексиќ.
Потребата од набавка на високобезбедносно возило за МВР била претходно утврдена од Владата, рече таа и додаде дека не е излезено од цените на светскиот пазар со сите давачки за возила од ваков вид. Таа направи споредба со БМВ.
„Годишниот план за јавни набавки го потпишува министерот за финансии. Овие средства за блиндираното возило за МВР, биле предвидени во буџетот на Министерството за 2012 година“, потсети Алексиќ.
Во тој период, министер за финансии беше Зоран Ставрески.
Над 500 календарски денови бил возен блиндираниот мерцедес за странски делегации и за други потреби утврдени со правилник за користење возило од висок безбедносен карактер. Стерјо Зиков, бранителот на третообвинетиот Ѓоко Поповски врз кого, според обвинението, влијаеле тогашниот премиер Груевски и министерката Гордана Јанкулоска да го прекрши Законот за јавни набавки и да ја намести и потпише набавката на скапиот мерцедес, побара ослободителна пресуда за клиентот.
Според него, неспорна била потребата од набавка на блиндирано возило, за што Поповски направил безуспешен обид во 2011 година за набавка на такво половно возило.
„Јавната набавка е потпишана од Поповски и завршена, возилото е платено, врз основа на годишниот план за набавки на МВР, што го донела и потпишала тогашната министерка Гордана Јанкулоска“, рече Зиков.
С. К. ДЕЛЕВСКА