МВР САКАЛО ДА КУПИ ПОЛОВНО БЛИНДИРАНО ВОЗИЛО ОД 243 ИЛЈАДИ ЕВРА, ГРУЕВСКИ ГО ПРЕМИСЛИЛ ЗА МЕРЦЕДЕС ОД 600.000 ЕВРА, КАЖА СЈО ВО ЗАВРШНИТЕ ЗБОРОВИ НА „ТЕНК“

    МВР САКАЛО ДА КУПИ ПОЛОВНО БЛИНДИРАНО ВОЗИЛО ОД 243 ИЛЈАДИ ЕВРА, ГРУЕВСКИ ГО ПРЕМИСЛИЛ ЗА МЕРЦЕДЕС ОД 600.000 ЕВРА, КАЖА СЈО ВО ЗАВРШНИТЕ ЗБОРОВИ НА „ТЕНК“СЈО ја прочита и бомбата каде Груевски ѝ вели на Јанкулоска дека до локалните избори ќе се вози со старото возило, особено кај што ќе го чекаат новинари и граѓани. - Поранешниот премиер Никола Груевски пристигнува во Основниот суд Скопје 1 (Фото: М. Златевска)

    Во 2011 година МВР донело одлука за купување на блиндирано возило најмногу до 243.000 евра, поради осиромашениот буџет на министерството, но под влијание на тогашниот премиер Никола Груевски, со барања за луксуз, Гордана Јанкулоска како министер потпишала одлука за набавка на ново возило од речиси 600 илјади евра.

    Вака обвинителот од СЈО Стевчо Донев ги почна завршните зборови во случајот „Тенк“, за делот околу незаконитото влијание на обвинетиот Груевски за набавката на луксузниот мерцедес С-600 гард, кое тие не можеле да го одбијат зашто им бил шеф, премиер.

    Донев потсети на бомбите како Груевски и кажува на Јанкулоска дека пред себе ги има проспектите за тоа на „М“, оти другите проспекти не знае кај се и не му требаат и кај што и вели да ја тера работата за тоа на „М“. Јанкулоска му кажува дека јавното наддавање ќе биде електронско, но дека внимаваат и ја таманат работата да не влета некој друг освен „Макаутостар“.

    „Зошто предвидениот износ за набавка на блиндирано возило одеднаш е двојно зголемен, зошто не се пречкртало само тоа ’половно‘ и не се ставило ’ново‘ во одлуката на Јанкулоска?“, праша Донев.

    Потоа ги наведе сите докази како била наместена јавната набавка која ја спровел третообвинетиот, поранешниот шеф на јавните набавки во МВР. Односно, како со тие критериуми била исклучена конкуренцијата. За техничките спецификации што биле наведени во тендерската документација, понуда дал само „Макаутостар“, бидејќи биле направени за блиндиран мерцедес С-600 гард, никако за БМВ, Ауди и останатите типови возила кои можеби би биле поевтини.

    Затоа и на јавниот повик се јавил само фаворизираниот „Макаутостар“, како единствен добавувач кој ги исполнувал наведените спецификации и карактеристики, особено и како единствен овластен сервисер за ултра луксузниот мерцедес, како што се барало во набавката.

    СЈО ја прочита и бомбата каде Груевски ѝ вели на Јанкулоска дека до локалните избори ќе се вози со старото возило, особено кај што ќе го чекаат новинари и граѓани, а по локалните, ќе речеме, како што вели, дека сме го презеле од МВР. Следуваат завршните зборови на тројцата адвокати на Груевски и на адвокатот на Поповски.

    Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка. Обвинителот Гаврил Бубевски побара осудителна пресуда за Груевски, за кој рече дека свесно го извршил делото, со директна умисла додека бил претседател на Владата на Македонија, за остварување на лични желби, со буџетски средства. Побара осудителна пресуда и за Поповски, за кршење на Законот за јавни набавки, т.е. за злоупотреба на службената положба и овластувањата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира