ЧИЧКОТО НА ФРАНЦУСКИОТ АМБАСАДОР ТИМОНИЕ СОЗДАЛ УМЕТНИЧКИ ДЕЛА НА МАКЕДОНСКИОТ ФРОНТ, ОТКРИ ТОЈ ВО НОВАЦИ

    ЧИЧКОТО НА ФРАНЦУСКИОТ АМБАСАДОР ТИМОНИЕ СОЗДАЛ УМЕТНИЧКИ ДЕЛА НА МАКЕДОНСКИОТ ФРОНТ, ОТКРИ ТОЈ ВО НОВАЦИФранцускиот амбасадор Кристијан Тимоние при посетата на Новаци рече дека чичко му, сликарот Алмери Лобел-Риш бил со француската војска на Македонскиот фронт за време на Првата светска војна и ги овековечил страдањата на војниците и на цивилите (Фото колаж СДК.МК: цртежи на Лобел-Риш/ Тимоние во Новаци)

    Алмери Лобел-Риш, чичко на францускиот амбасадор Кристијан Тимоние и по професија ликовен уметник, бил со француската војска на Македонскиот фронт за време на Првата светска војна. Гледајќи ги страдањата на војниците и на цивилите, решил нив да ги овековечи на ликовни дела. Дел од неговите творби до денес се изложени во Министерството за култура на Франција.

    „Тука има спомени кои ми лежат на срце. Мојот чичко беше тука на овој фронт. Беше уметник во француската армија, па има дела создадени на овој простор. Кога доаѓам тука, на таканаречениот Македонски фронт, сметам дека доаѓам на место каде има дел од мојата историја“, рече амбасадорот Тимоние при посетата на општина Новаци.

    „Тој преку цртежите сакал да покаже, а и ние сакаме да покажеме во музејот што го правиме на Француските гробишта во Битола, дека не страдале само војниците, туку интензивно страдале и цивилите од овој регион“, вели Тимоние за цртежите на Лобел-Риш

    Цртежите на неговиот чичко можат да се најдат и на интернет страницата на Министерството за култура на Франција.

    „На делата ретко може да се најде точната локација на која се однесуваат. Најчесто станува збор за нацртани војници, а ретко за пејзажи. Но, тој постојано ја следел армијата и сигурен сум дека овде во овој Битолски Регион има создадено дел од цртежите“, додаде амбасадорот.

    Чичко му ги забележал и страдањата на цивилното население.

    „Тој преку цртежите сакал да покаже, а и ние сакаме да покажеме во музејот што го правиме на Француските гробишта во Битола, дека не страдале само војниците, туку интензивно страдале и цивилите од овој регион. Оваа година ќе организираме средба на историчари од Балканот, која сакаме да прерасне во традиција и да се зборува како да се заштитат цивилите. Сакаме да покажеме дека лекциите кои ги научивме од Првата светска војна се актуелни и денес, зашто имаме слични ситуации во Израел, Палестина, Сирија, па прашањето останува понатаму отворено“, рече Тимоние.

    Тој се сретна со градоначалникот на Новаци Љубе Кузмановски, со кого договараат соработка по повод стогодишнината од завршувањето на Првата светска војна. Се планира да се направи рута која ќе води од Солун до Белград и ќе им овозможи на француските туристи да го откријат овој дел од фронтот и историјата.

    „Со ова сакаме да кажеме дека наскоро се надеваме оти ќе има и решение на спорот за името“, рече Тимоние.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира