Скопските шарени револуционери денес вторпат излегуваат на протест. Отако утрово ја обоија полициската станица Центар, тие вечерва се собираат за вообичаениот протест кој почува пред СЈО. Специјалната единица за боење е на готовс, се слушаат свирежи на труби, свирчиња и се делат бланко документи со кои демонстрантите потврдуваат дека се дел од Шарената револуција и ги ополномоштуваат адвокатите да ги застапавуваат ако бидат повикани на информативни разговори. „Се пријавувам и јас сум хулиганка“ порачува централниот трананспарент вечерва.
„Марширајќи по улиците се ослободуваме, а сега чекориме кон институциите за да ги ослободиме и нив. Нашите зборови, свирежи и бои се предвесник на едно ново време. Време на активни граѓанки и граѓани кои ќе ги зауздаат разулавените и одметнати институции“, стои на Фејсбук страната на „Протестирам“.
Граѓаните на улица бараат итно повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истрага и против кои е покренато обвинение од страна на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), итна и неотповиклива оставка на Ѓорге Иванов од функцијата Претседател на Република Македонија, произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО, формирање на специјално одделение на Кривичниот суд, кое ќе биде надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО, задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата, процесот на решавање на кризата да се одвива на територијата на Република Македонија и формирање на преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе.