УКИНАТА ЗАБРАНАТА ЗА КАТЛАНОВСКА БАЊА ДА ПРИМА ПАЦИЕНТИ НА ТОВАР НА ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО

    УКИНАТА ЗАБРАНАТА ЗА КАТЛАНОВСКА БАЊА ДА ПРИМА ПАЦИЕНТИ НА ТОВАР НА ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВОД-р Ирина Сотирова Бухова, директор на Државниот санитарен инспекторат, не кажа кои се дополнителните мерки што треба да ги преземе Катлановска бања согласно новото решение, ниту дали и какви санкции ќе има оти инспекторите при вонредниот надзор во оваа установа затекнаа тројца странски доктори, кои без лиценца за работа во земјава давале здравствени услуги (Фото: Е. Ангеловска)

    Државниот санитарен и здравствен инспекторат ја укинува забраната за Катлановска бања да дава здравствени услуги на пациенти на товар на Фондот за здравствено осигурување, која на оваа установа ѝ беше изречена на почетокот на месецот, бидејќи при вонредниот надзор направен на 14 април констатирале дека овој правен субјект нема дозвола од Министерство за здравство за вршење здравствена дејност.

    „Во интерес на обезбедување континуиран третман за бањско лекување за пациентите, а врз основа на ова решение, на Катлановска бања им се дозволува згрижување лица, кои имаат потреба од овој тип лекување“, стои во соопштението на ДСЗИ.

    ДСЗИ соопшти дека до „Катлановска Бања ДОО Катланово“ доставиле ново решение, со кое ѝ се изречени дополнителни мерки, согласно констатираната фактичка состојба и дополнителна документација што бањата ја доставила до инспекторатот.

    Д-р Ирина Сотирова Бухова, директор на Државниот санитарен инспекторат, одби да каже кои се дополнителните мерки што треба да ги преземе Катлановска бања согласно новото решение. Таа не кажа ниту дали и какви санкции ќе има за Катлановска бања, каде при вонредниот надзор направен минатиот месец инспекторите затекнаа тројца доктори, кои не се македонски државјани и кои без лиценца за работа во земјава даваат здравствени услуги во оваа установа.

    „Доколку има дополнителни прашања и доколку има поголем интерес од јавноста обратете се писмено и ќе се договориме со Министерството за здравство дали ќе излеземе со ново соопштение или ќе ви одговориме на прашањата“, рече д-р Сотирова Бухова.

    Во соопштението од ДСЗИ стои дека иницирале усогласување на стандардите за згрижување на пациентите во Катлановска Бања, како и во сите други бањи во државата.

    „Решението е донесено имајќи ги предвид дополнително доставените документи од Катлановска Бања и затекнатата моментална состојба со останатите бањи на територијата на Република Македонија, како и фактот дека е направен пропуст во однос на регулирањето на здравствените услуги во бањите во постојниот Закон за здравствена заштита од 2012 година“, соопшти ДСЗИ.

    Сите установи кои вршат бањско лекување добиле задолжение од ДСЗИ да достават во најкраток можен рок елаборати за простор, опрема и кадар, со посебен фокус на одделување на здравствената, со комерцијалната дејност.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира