Премиерот Зоран Заев до Собранието синоќа ги испратил предлозите за заменици-министри во Владата, вклучувајќи го и поранешниот градоначалник на Општина Центар Андреј Жерновски, кој е кандидат за заменик-министер во Министерството за надворешни работи, потврди владиниот портпарол Миле Бошњаковски на денешната прес-конференција.
Предложени се уште тројца заменици-министри: Асим Муса во Министерството за здравство, Ѓонул Бајрактар во Министерството за труд и социјална политика и Садик Бекири во Министерството за транспорт и врски.
Од Владата во Собранието вчера се пратени и оставките на замениците-министри: Арта Точи од МНР, Гоце Чакаровски од Министерството за здравство, Арбер Адеми од МОН, Елмир Азири од Министерството за труд и социјална политика и Ремзи Мехмети, заменик-министер за транспорт и врски.
Кај министрите, Рената Тренеска Дескоска од министер за образование оди во Министерството за правда, а во образование Арбр Адеми, сегашен заменик-министер за образование. Роберт Алаѓозовски заминува од министер за култура, а на негово место треба да седне Асаф Адеми, кадар на Движењето Беса од крилото на Африм Гаши.