Премиерот Зоран Заев со сопругата Зорица, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за култура во заминување Роберт Алаѓозовски, денеска во Ватикан имаа аудиенција кај Папата Фрањо.
„Папата рече дека ќе се моли за Македонија и за иднината на целиот регион“, напиша на својот Фејсбук профил Алаѓозовски на кого ова му е последна работна посета како министер во Владата откако со реконструкцијата е најавено дека ќе биде сменет и на негово место доаѓа Асаф Адеми од БЕСА.
Како што стои во соопштението од Владата за време на аудиенцијата премиерот Заев го поканил Папата во блиска иднина да ја посети нашата земја, што би било од исклучителна важност, за унапредување на нашите билатералните односи, како и за регионот.
„Му пренесов на Папата Фрањо дека очекуваме да влезат во завршна постапка процедурите за отворање на дипломатска канцеларија, апостолска Нунцитура во Скопје, со што ќе се создадат услови за зајакнување соработката во области од заеднички интерес. Имаме заеднички афирмативни ставови за ликовите кои се дел од нашата заедничко наследство како што се Света Мајка Тереза и Светите браќа Кирил и Методиј, како за силни темели на историските врски меѓу Република Македонија и Ватикан“, рекол премиерот Заев на средбата со Папата.
Премиерот Заев на Папата Фрањо му подарил реплика од мозаикот на кој се претставени пауни и елени, како илустрација на 41 Псалм на Пророкот Давид, како најпрепознатливиот симбол на археолошкиот локалитет Стоби, од 5-от век. Папата пак на Заев му подарил рачно изработено дело во бронза од мајстор Гвидо Верои на кое симболично е претставена пораката ‘Светот на солидарноста и мирот е заснован на правда’.
Посета на Ватикан се остварува традиционално секоја година во рамките на државните активности за чествување на Свети Кирил и Методиј.