Повеќе од половина од пациентите на кои им е дијагностициран рак на кожа се откриваат многу доцна, кога болеста е во напредна фаза и можноста за нивно излекување е многу мала. Само годинава во МојТермин се регистрирани 480 пациенти со меланом, или еден од видовите на карцином на кожа, кој е и најсмртоносниот.
Венко Филипче, министер за здравство, кажа дека лани биле регистрирани 645 пациенти, а во 2016 година 611 заболени од меланом. Во овие бројки не влегуваат пациентите кои во меѓувреме развиле метастази од меланомот.
„Малигниот меланом зема сѐ поголем замав и годинава се регистрирани многу повеќе случаи отколку лани. Затоа Министерство за здравство заедно со Клиниката за пластична хирургија и Клиниката за онкологија прави кампања за да укажиме на важноста од превенција за ова заболување, односно што треба да направат луѓето за да се заштитат, а од друга страна да имплементираме новите терапии за лекување на болните“, кажа Филипче.
Д-р Софија Пејкова, директор на Клиниката за пластична хирургија, кажа дека навременото откривање на болеста е клучно за лекување на пациентите, односно дека доколку болеста се открие во првата фаза во 95 отсто од случаите пациентите преживуваат пет години. Таа објасни дека доколку ракот на кожа се открие навреме, лекувањето може да заврши и со хируршки третман, односно пациентот да нема потреба да се лекува на Клиниката за онкологија.
„Колку повеќе одминуваат фазите од болеста и во случаи кога ќе се јават и метастатски промени, тогаш можноста за прежувување до пет години е само кај пет отсто од случаите. Загрижувачки е што кај нас на Клиника доаѓаат се помлади пациенти. Така на пример најмладиот пациент кој е опериран од меланом кај нас е 13 годишно дете и неговата состојба сега се следи. Но, сме имале пациенти на возарст од 20 до 25 години со меланом и кои за жал починале“, рече Пејкова.
Д-р Нино Васев, директор на Клиниката за онкологија, кажа дека во моментов на клиниката ги имаат потребните лекови за лекување на пациентите со меланом, како и за оние кај кои се јавиле мутации, така и за оние што немаат мутации, како и соодветна хемотерапија.
Покрај оваа кампања за подигање на јавната свест кај луѓето да преземат мерки за заштита, Клиниката за дерматовенерологија заедно со другите дерматовенеролошки амбуланти, наредните три дена ќе прави бесплатни прегледи со дермоскоп, за рано откривање на рак на кожата.
„Моментално двата лека се достапни на Клиниката за онкологија и потребната хемотерапија. Препораките за земјите од Источна Европа се да поведат повеќе сметка за достапност на лековите против меланом, затоа што се помлада популација заболува од оваа болест“, рече Васев.
Тој објасни дека ниту еден лек за меланом, кој се користи на Онкологија не е на позитивната листа на лекови, и дека до пред неколку години овие лекови ги набавувала Агенцијата за лекови и медицински помагала, а од лани Клиниката почнала сама да ги набавува преку условен буџет. Според Васев годинава лековите ги набавуваат од буџетот на Клиниката.
“Минатите години имаше една чудна работа Агенцијата за лекови и медицински помагала ги набавуваше лековите, иако има конфликт на интереси и не може да распишува тендери за лекови, оти она ги одобрува лековите“, рече д-р Васев.
Тој кажа дека во моментов на Онкологија со овие лекови се третираат дваесетина пациенти, уште неколку кои се на хемотерапија и уште десетина кои се опсервација.
Е.БОЧВАРОСКА