ПРАТЕНИКОТ ПЕТАР АТАНАСОВ ОД СДСМ НЕ МОЖЕ ДА СТАНЕ ЗАМЕНИК МИНИСТЕР ОТИ НЕМА ДИК

    ПРАТЕНИКОТ ПЕТАР АТАНАСОВ ОД СДСМ НЕ МОЖЕ ДА СТАНЕ ЗАМЕНИК МИНИСТЕР ОТИ НЕМА ДИКПратеникот Петар Атанасов за да биде заменик-министер за образование ќе мора да чека прво да заврши законската постапка за избор на нова Државна изборна комисија (ДИК) што треба да се избере во рок од 30 дена од денот на влегување во сила на измените на Изборниот законик; - Пратеникот на СДСМ Петар Атанасов (Фото: Фејсбук)

    Петар Атанасов, актуелен пратеник на СДСМ, не може да биде предложен за заменик министер за образование затоа што нема Државна изборна комисија (ДИК). Тој нема да може да биде гласан на седницата за реконструкција на владата, заедно со новите министри и заменици- министри, закажана за 1 јуни.

    За да стане заменик министер, пратеникот Атанасов ќе мора да чека прво да заврши законската постапка за избор на нов состав на ДИК, кој беше договорен од власта и опозицијата со измена на Изборниот законик од 22 мај.

    Членовите на ДИК поднесоа оставки по скандалот со доделување на бонуси за избори, во декември 2017 година. Од тогаш до денес, ДИК не функционира. Со измените, ѝ престана мандатот на Ермира Асани Салија по сила на закон, единствениот актуелен член на ДИК од Движењето Беса.

    Сè додека не заврши законската процедура заменичкото место во образование ќе биде празно, бидејќи сегашниот заменик министер за образование Арбр Адеми е предложен за нов министер за образование. Според роковите, заменичкото место во Министерството за образование ќе биде празно најмалку еден месец.

    Собранието треба да објави оглас за избор на претседател, потпретседател и членови на ДИК во Службен Весник и во два печатени медиуми. Огласот трае осум дена од денот на објавување во „Службен весник“.

    Комисијата треба да се избере во рок од 30 дена од денот на влегување во сила на овој закон.

    Според измените на Изборниот законик, ДИК ќе има седум членови, од кои претседателот и двајца членови на ДИК ќе бидат од опозицијата, а тројца од власта. Мандатот ќе биде шест месеци.

    Претседателот и потпретседателот на Комисијата ќе се избираат од членовите на ДИК и функцијата ќе ја вршат професионално.

    В петок ќе се бираат новите министри и заменици-министри во Владата. Реконструкцијата на Владата се случува една година по формирањето на новата Влада на премиерот Зоран Заев.

    За нови министри се предложени Рената Дескоска за правда, Арбр Адеми за образование, Асаф Адеми за култура и Бардил Даути без ресор. За заменици министри се предложени Андреј Жерновски за заменик министер за надворешни работи, Асим Муса за заменик министер за здравство, Ѓонул Бајрактар за заменик министер за труд и социјална политика и Садик Беќири за заменик министер за транспорт и врски.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира