Одбраната на Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и на ексминистерот Миле Јанакиески, побараа најбитните „бомби“ за случајот „Траекторија“ да не се пуштат денеска во Основниот суд Скопје 1 во присуство на јавноста.
Судијата Горан Бошевски ги тргаше настрана тие прислушувани разговори, на што реагираше специјалната обвинителка Лиле Стефанова.
„Не се овие приватни разговори за да не ги пуштате сега. За најсуштинските разговори одбраната бара судот да не ги пушта јавно. И да одлучите подоцна да ги пуштите судија, веќе ќе биде изгубен континуитетот“, се побуни Стефанова.
„Ние штитиме државен интерес и ќе го докажеме тоа“, дофрли Пешевски.
Сепак, судијата Бошевски остана на тоа да ги трга настрана сите бомби за кои одбраната ќе побара. Ќе одлучел подоцна дали и кои од оспорените разговори ќе ги пушти пред новинарите.
Во моментов се пуштаат разговори како одел текот на преговорите за изградба на автопатот Миладиновци-Штип, без тендер за 288 милиони евра, пари обезбедени со задолжување од кинеската „Ексим“ банка.
С. К. ДЕЛЕВСКА