За 27 години парламентарна демократија направени се квалитетни чекори со што Собранието и Македонија станаа дел од современиот свет. Доказ за тоа е последниот Извештај на Европската комисија во кој безусловно се предлага добивање датум за отпочнување со ЕУ, изјави претседателот на Собранието Талат Џафери на конференцијата „Градење на модерни, професионални и претставнички парламенти“.
Претседателот на Собранието Џафери ги информираше учесниците на конференцијата дека Собранието има веб страница, на која информираат за сите активности на парламентот и има архива во која може да се најдат сите седници од осамостојувањето до денес и дека седниците се пренесуваат во живо на интернет.
„Уште поважен е фактот што преку нашата веб страница граѓаните можат да се обратат до својот пратеник, а можат да се пријават за посета на Собранието. Преку собранискиот канал директно се пренесуваат сите пленарни седници, како и комисиската расправа за донесување на буџетот, а се прават и сериозни подготовки за формирање на посебна собраниска телевизија“, рече Џафери.
Американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли, рече дека парламентите играат клучна улога во воспоставување на нормите и правилата што ги присилуваат институциите и функционерите да бидат отворени и отчетни.
„Постојат многу структури и правила за отвореност и транспарентност, но, тоа често пати се сведува на индивидуалните одлуки на лидерите и зависи од нивното однесување. Пречесто кога нешто не функционира, а се однесува на отвореноста, немањето отчетност или владеењето на правото, граѓаните креваат раменици и велат тоа е така. И тоа е она што сакате да го избегнете, луѓе кои креваат раменици“, рече амбасадорот Бејли.
На дводневната конференција организирана од ХДП (Хаус Демокраси Партнершип) во соработка со НДИ, УСАИД и ИРИ, во Собранието ќе дебатираат претставници и советници од американскиот Конгрес, од УСАИД, од организацијата Отворено владино партнерство, пратеници од македонскиот, грузискиот, киргискиот и Парламентот на Шри Ланка, како и претставници на невладиниот сектор.
Г. ТРПЕНОСКИ