НИКОГАШ НЕ СМЕ БИЛЕ ПОБЛИСКУ ДО РЕШЕНИЕ ЗА ИМЕТО, ДО ПЕТОК ЌЕ РАЗГОВАРАМ СО ЦИПРАС, КАЖА ЗАЕВ

    НИКОГАШ НЕ СМЕ БИЛЕ ПОБЛИСКУ ДО РЕШЕНИЕ ЗА ИМЕТО, ДО ПЕТОК ЌЕ РАЗГОВАРАМ СО ЦИПРАС, КАЖА ЗАЕВЗаев најави референдум во септември или октомври за евентуалниот договор за името со Грција. - Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција по повод една година Влада (Фото: М. Златевска)

    Премиерот Зоран Заев вели дека никогаш не сме биле поблиску до решение за спорот за името со Грција и најави дека најдоцна до петок ќе разговара со грчкиот премиер Алексис Ципрас, но одби да ги коментира имињата кои што излегоа во јавноста како потенцијални решенија.

    „Нема уште договорено ништо. Останува да се формализира договорот кој што го направија министрите Димитров и Коѕијас. Верувам дека вечер или утре, најдоцна до петок ќе имам разговор со грчкиот премиер Алексис Ципрас. Јавноста благовремено ќе биде известена“, рече Заев на прес-конференцијата по повод една година Влада.

    Заев не сакаше да коментира дали уште е во игра предлогот Илинденска Македонија, ниту да лицитира со имињата кои што излегоа во јавноста, како Северна Македонија, бидејќи, како што рече, се наоѓаме во финална фаза од преговорите.

    „Никогаш поблиску не сме биле до решение. Идентитетот и јазикот се заштитени“, кажа Заев.

    Заев со министрите прес-конференцијата ја одржа пред споменикот на ослободителите на Скопје во кругот на владината зграда и рече дека се надева оти наскоро ќе биде тргната и оградата околу владата (Фото: Ѓ. Личовски)

    Тој рече дека ако има договор и тој биде ратификуван во собранието, сепак референдум ќе се одржи. Како најдобар термин за референдум ги најави септември и октомври, кога, како што кажа, граѓаните ќе го кажат својот збор, дали ќе го прифатат неговото лидерство за ЕУ и НАТО.

    Заев на прес-конференцијата во дворот на Владата зборуваше за што сработил неговиот кабинет досега. Тој рече дека 2018 година ќе биде година на финансиска консолидација, дека се донесени 16 инвестиции во вредност од 200 милиони евра. Најави отворање на фабрика за цигари и рече дека документот за работа на Владата е поставен на сајтот и се вика „1 година промени – 365 промени за подобар живот на сите граѓани“.

    „Македонија од заробена држава ја отворивме. Нема реваншизам, нема етничка поделеност. Регулаторните дела поставени од претходната власт уште не се променети, чекаме да им заврши мандатот. Новите ќе бидат со засилени ингеренции и ќе бидат експерти“, рече Заев

    На новинарско прашање зошто сè уште не е отстранета оградата на владината зграда, Заев кажа: „Владата е отворена, граѓаните доаѓаат и се движат слободно. Јас сум поборник да се тргне оградата, бидејќи со тоа демократијата ќе биде поголема, но треба да се води сметка и за безбедноста. Уверен сум дека во скоро време може да се тргне и оградата“.

    За ветениот бројчаникот на вратени пари, Заев рече дека се надева на судски одлуки за враќање на парите и кога ќе почнат да се враќаат парите, тогаш ќе биде поставен бројчаникот на Триумфалната порта.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира