Клиничкиот центар во Штип доби две опремени амбулантни возила, како донација од Јапонија, во вредност од 42.000 евра.
„Јапонскиот народ е среќен што двете амбулантни возила ќе ја подобрат здравствената грижа во Штип и во источна Македонија. Од 2000 година наваму, Јапонија има донирано половина милијарда евра за подобрување на условите за работа и престој во здравствени и образовни институции во регионот. Само во Штип се донирани 192 милиони евра“, рече на врачувањето на донацијата јапонскиот амбасадор во Македонија, Кеико Ханеда.
Таа рече дека на возилата е нацртано маче, кое е маскота на новата јапонска програма и дека оваа година, Јапонија одбележува 30 години од нејзините грантови.
Директорот на Клиничкиот центар, Ален Георгиев, истакна дека последната донација од Јапонија била пред 18 години и таа сѐ уште се користи. Проектот е реализиран во соработка со канцеларијата на Источно-планскиот регион.
„Се надевам дека ќе биде прифатена и нашата апликација за донација за обнова на градинката „Цветови“ во Штип“, рече координаторот на ИПР, Александар Николов.
Т. ЈОВАНОВСКИ