ВО НОВИОТ ЗАКОН ЗА АБОРТУС ВОЛЈАТА НА ЖЕНАТА Е НА ПРВО МЕСТО, НАЈАВИ ФИЛИПЧЕ

    ВО НОВИОТ ЗАКОН ЗА АБОРТУС ВОЛЈАТА НА ЖЕНАТА Е НА ПРВО МЕСТО, НАЈАВИ ФИЛИПЧЕИзмените во Законот за абортус министерот за здравство Венко Филипче ги најави на стручниот симпозиум на тема „Вродени аномалии - предизвици, дилеми и третман“ во организација на Македонското лекарско друштво (Фото: МИА)

    Нов закон за прекин на бременоста, со кој на жената и се дава можност за слободен избор за абортус до 12-та недела во консултација со матичниот гинеколог, е во подготовка, соопшти министерот за здравство Венко Филипче. Слободен избор за прекин на бременоста жената ќе има и до 22 гестациска недела од бременоста, со оценка на комисија составена од двајца гинеколози и еден социјален работник, рече Филипче на стручниот симпозиум на тема „Вродени аномалии – предизвици, дилеми и третман“ во организација на Македонското лекарско друштво.

    „По наполнување на 22 гестациска недела, ќе се формира посебна стручна комисија која ќе треба да направи проценка за одобрување прекин на бременоста. Таа комисија, освен гинеколози и акушери, ќе биде составена и од специјалист од детска хирургија, детска кардиологија, кардиохирургија, неврохирургија, анестезиологија и социјален работник. Во случај на вродена аномалија кај плодот, жената има право да ја прекине бременоста врз основа на мислење од овие специјалисти. Одлуката за прекин на бременоста е право на жената и тоа никој не може да и го одземе“, рече Филипче.

    Тој изјави дека направиле неколку измени во законот, усогласени се со Министерството за труд и социјална политика и во постојана комуникација се со работната група составена од гинеколози и други експерти кои имаат стручна улога во процесот на абортус.

    „Тоа што е ново, што го немаше во досегашниот закон, е што волјата на жената ја ставаме на прво место во овој период. Драфт верзијата на законот е подготвена и потребна е уште една финална консултација со сите кои се заинтересирани за промена на законот, со стручните лица од Клиниката за гинекологија и акушерство, МТСП и невладините организации“, рече Филипче.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира