„Наградава многу ми значи. Таман кога мислев дека сум завршил со кариерата, доаѓа едно признание од моите колеги, коишто покажуваат дека не ме заборавиле, дека сè уште сум ‘жив’ како на сцена, така и во нивните сеќавања, а така и кај публиката. Театарската е најубавата професија. А, особено е убаво чувството, кога за тоа ќе добиеш награда“, рече актерот Петар Арсовски на отворањето на 53. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во Центарот за култура „Марко Цепенков“.
Арсовски и композиторот Љупчо Константинов се годинашни добитници на наградата за животно дело.
„Да се радуваме на чинот на создавање театарска претстава, филм, телевизиска драма, телевизиски филм или серија“, рече Константинов.
Градоначалникот Илија Јованоски потсети на двајцата уметници родени во Прилеп, Илија Милчин и Кирил Ристоски, додавајќи оти годинава се навршуваат 100 години од раѓањето на Милчин и 70 од раѓањето на Ристоски.
„Да се вратиме во времето на нивниот огромен влог и посветеност, нивниот придонес за опстојот и развојот на Македонскиот театарски фестивал. Затоа ни смртта, не ги брише од незаборавот. Им се поклонувам на овие мои сограѓани, токму од оваа сцена, на која тие неуморно твореа до последниот здив. Споменот на великаните, нè враќа повторно до страста и жарот на секој артист, кој што има свој удел во таа извонредна креација, на секогаш, премиерни изданија, на врвни дела на сцената“, рече градоначалникот.
На отворањето во полната сала говореа и замемик- министерот за култура Владимир Лазовски и уметничката директорка на Фестивалот, Катерина Коцевска.
Фестивалот почна во петокот, со претставата „Ничија земја“ на Македонскиот народен театар, во режија на Александар Морфов, а ќе трае до 15 јуни.
Ќе се прикажат претстави на уште 11 театари од државата, како и пет претстави во придружната програма.
За денеска се најавени претставите „Еднаш свет изградив“ во режија на Јане Спасиќ, на Театарот за деца и младинци од Скопје (19,30 часот, во Теетарот „Војдан Чернодрински) и „Царот Владислав“ на Бранко Ставрев, од Струмичкиот театар во 22 часот во Центарот за култура.