Собранието со 84 гласови „за“ го донесе Етичкиот кодекс за однесувањето на пратениците.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски рече дека се надева дека Етичкиот кодекс е мал симболичен начин со кој започнува враќањето на вистинската функција на Собранието, да биде највисок законодавен орган, а не услужен орган на владата сега, а и во минатото.
Координаторот на СДСМ Томислав Тунтев, рече дека со носењето на кодексот се регулираат односите меѓу пратениците, односот со институциите, со јавноста, медиумите.
„Со Етичкиот кодекс ќе се зачува и ќе се врати дигнитетот и угледот на функцијата пратеник“, рече Тунтев.
Во дискусијата, координаторот на СДСМ ги фалеше сите достигнувања што ги направила власта во Собранието, што предизвика негодување кај опозицијата, која го искритикува Тунтев дека уште неприменет, почна да го крши Кодексот за однесување.
„Однесувањето зависи прво од домашното воспитување, без разлика дали има или нема Кодекс. Вие како власт, клучни закони променивте со скратена постапка“, рече координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев. Пратениците на опозицијата Димитар Стевананџија и Ане Лашкоска, во репликите до Тунтев, го нарекоа лицемер.
Тунтев на Стевананџија и на Лашкоска им го прочита членот од кодексот, со кој се регулираат говорот што го користеа во репликите кон него.
„Наместо свечен чин, уште непочнат, кодексот го пуштивте по вода со дискусиите“, коментираа дел од пратениците на опозицијата.
Претседателот на Собранието Талат Џафери по донесувањето на кодексот рече дека се надева дека од денес пратениците ќе се однесуваат достоинствено и нема да имаат дискусии како денешните кога се донесе кодексот.
Етичкиот кодекс на однесување на пратениците има цел да ја зголеми довербата на граѓаните и јавноста во основните вредности и интегритетот на функцијата пратеник и на Собранието како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт.
Според кодексот, пратеникот не смее да ги прекинува говорниците и да дофрлува од местото или на кој било начин да го нарушува текот на седницата и да користи навреди, фрази и гестикулации со кои можат да се навредат другите пратеници или носители на јавни функции. Пратеникот се воздржува од говори со кои може да предизвика омраза и насилство.
Пратеникот, треба да ги почитува правилата на однесување, правилата кои се однесуваат на спречување на судирот на јавниот и приватниот интерес, забраната на корупција и забраната на примање подароци. Во Кодексот има и одредби за лесни и тешки повреди на кодексот, за кои се предвидуваат и мерки, опомена за лесните повреди и јавна опомена за тешките повреди.
Г. ТРПЕНОСКИ