Не е добро да има предвремени избори, но ако околностите наложат поинаку подготвени сме и на тоа, кажа премиерот Зоран Заев како одговор на новинарско прашање согласно неговата претходна изјава дека ако пропадне договорот со Грција за решавање на спорот за името ќе оди на предвремени избори.
„Предвремени избори може да има и заедно со референдум, може и заедно со претседателски избори, може и редовни. Го кажав мојот став, дури не сум се ни консултирал со коалициони партии во Владата“, кажа Заев.
Тој рече дека како Влада стојат на ставот дека треба да се истера целиот мандат оти тоа е добро за економијата и за граѓаните, бидејќи предвремените избори секогаш преизвикуваат проблеми.
„Но тоа е до таму до каде што зависи од нас. Ако завист работите од други околности ние сме спремни да одиме на избори. Анкетите не примамуваат на тоа. Не го кажувам ова за да испратам закана, го кажувам тоа што чесно гледаме на периодот кој е исравен пред граѓаните. Ако биде на чисто дека изборите се декември 2020 година бизнисмените ќе бидат похрабри да повлечат кредити и да инвестираат во економијата. Но, ако околностите покажат нешто друго, интересите на државата пред сѐ и над сѐ, а досега докажавме дека политичките и партиските интереси се на последен план“, рече Заев.
Тој денес соопшти дека со грчкиот колега Алексис Ципрас постигнале договор за името, кој предвидува Република Северна Македонија, македонски јазик без фуснота и македонска националност со забелешка – граѓани на Република Северна Македонија.
„Македонски јазик, македонски народ, Македонец, Македонка, заштитени еднаш засекогаш. Нема веќе ФИРОМ. Со овој договор ќе биде зајакнат македонскиот идентитет. Добиваме гаранција за безбедност. Република Северна Македонија со превод на сите јазици, за севкупна употреба и ќе се прецизира со амандман во уставот. Јазикот-македонски без фуснота. Националност-македонска / граѓани на Северна Македонија (Macedonian/Citizens of North Macedonia)“, изјави Заев.
Тој кажа дека кодовите МКД и МК остануваат во употреба, освен на регистарските таблички на возилата, каде ќе стои НМК, за да не ги провоцираме во Грција.