Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас вели дека Македонија заслужува да добие признание од целата Европска унија за процесот на реформи и на тој начин да се спречи, како што кажа, некои други сили да ги остваруваат нивните планови во регионот. Мас, на заедничката прес-конференција со македонскиот колега Никола Димитров во Берлин, рече дека се надева дека македонските граѓани добро ќе го примат договорот за името со Грција.
„Сега, на крај, се стигна до едно заедничко разбирање. Се надевам дека во вашата земја ова решение ќе биде добро примено од граѓаните. Ние ќе го поддржуваме понатаму овој процес. Пред сè, сакам да кажам дека во Македонија има процес на реформи од кој сме импресионирани и кој покажува резултати во самата земја и мора да добие признание од целата Европска унија. Тоа го заслужувате и затоа ве охрабруваме да покажувате решителност и понатаму да ги остварите потребните реформи. Се надевам дека во иднина одлуките по однос на НАТО и ЕУ ќе бидат многу важен сигнал за граѓаните во вашата земја и потврда дека ќе се оди напред во правец на европската перспектива. Не сакаме други некои сили да ги остваруваат нивните планови во вашиот регион“, изјави Мас.