САМО ВО 14 АВТОБУСИ НЕ РАБОТАТ КЛИМИТЕ, ВЕЛАТ ОД ЈСП „СКОПЈЕ“

    САМО ВО 14 АВТОБУСИ НЕ РАБОТАТ КЛИМИТЕ, ВЕЛАТ ОД ЈСП „СКОПЈЕ“Од ЈСП „Скопје“ коментарите дека во пола автобуси се расипани климите ги сметаат за тендециозни и паушални и дека не постои генерален проблем со климите.(Фото: М.Златевска)

    Само во 14  автобуси се расипани климите, велат од ЈСП „Скопје“, откако деновиве граѓани на социјалните мрежи коментираат дека во двокатните автобуси не работат климите. Возачите на патниците им објаснуваат дека климите се расипани и затоа температурите во автобусите се високи.

    Но, од јавното претпријатие велат дека ваквите коментари се тенденциозни и паушални и дека не постои генерален проблем со климите. Во пресрет на летото бил извршен редовен сервис на уредите за разладување, а на лагер ги имаат и неопходните резервни делови во случај на потреба за сервисирање.

    На таблата во еден од двокатните автобуси со расипана клима пишува дека температурата е 36,6 степени.(Фото: СДК.МК)

    „Заклучно со вчерашниот ден регистрирани се 14 автобуси со расипани системи за разладување. Истите ќе бидат сервисирани во најбрз можен рок. Сакаме да напоменеме дека проценка на возачите е дали и кога ќе го вклучат клима уредот во автобусот. Факт е дека секогаш ќе има незадоволни патници, на едни им е топло, на други ладно, едни реагираат зошто се пуштаат климите, други се жалат дека во возилата е ладно“, велат од ЈСП „Скопје’.

    Во 2011 година беа купени 202 кинески двокатни и 80 украинските нископодни автобуси кои чинеа 57 милиони евра. Беа набавени во времето на премирот Никола Груевски преку Министерството за транспорт и врски кога министер беше Миле Јанакиевски. Груевски тогаш ги рекламираше како подарок за граѓаните на Скопје од Владата. Првите двокатни автобуси од кинеската Компанија „Јутонг“ стигнаа во Скопје во 2011 година, втората тура во 2012 година а набавката беше комплетирана во 2013 година.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира