Танчари и жонглери во боите на репрезентациите-учеснички, британската поп-ѕвезда Роби Вилијамс и руски класични музичари, вклучувајќи ја и сопранистката Аида Гарифулина, се изменуваа во настапите на теренот на стадионот „Лужники“ во Москва, најавувајќи го почетокот на 21. Светско фудбалско првенство.
Самата церемонија на отворањето траеше едвај 15-ина минути, а симболичниот прв удар на првенството го изведе двократниот светски првак Роналдо со помош на едно момче, додавајќи ѝ на маскотата, волкот Забивака. Пред тоа, топката на теренот ја донесе руската манекенка Викторија Лопирева.
Почнувајќи од дуелот Русија-Саудиска Арабија, кои според ранг-листата на ФИФА се најлошите репрезентации на турнирот, во наредните 32 дена ќе се одиграат вкупно 64 натпревари, а новиот светски првак ќе се добие на 15 јули на стадионот „Лужники“ во Москва.
Мундијалот ќе се игра на 12 стадиони во 11 градови, распространети на преку 2.880 километри. Токму „Лужники“ е најголемиот стадион, со капацитет од 81.000 седишта.
За првпат во историјата на светските првенства, ќе се користи видео-технологија за проверка на спорни ситуации.
Домаќините очекуваат над еден милион странски навивачи да дојдат во Русија за време на Мундијалот, во чија организација биле вложени 11,6 милијарди долари.
„Не верувам дека Русија ќе направи голем резултат. Мои фаворити се Шпанија, Германија, Аргентина и Бразил“, кажа рускиот претседател Владимир Путин минатата недела.